Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Запленети 204 банкноти и монети за колекционерски цели

Запленети се 204 банкноти и монети за колекционерски цели, чија вредност е проценета на 700 илјади денари. Случајот е откриен од страна на царинските службеници на Меѓународен Аеродром Скопје, при контрола на патник, државјанин на САД.
„Патникот иако со себе носел поголема количина пари за колекционерски цели се упатил на зелениот канал. Поради сомневање бил селектиран на детална контрола, при што во двата куфери и во торбите што ги носел со себе биле откриени банкноти и монети за колекционерски цели.
Против патникот е поведена соодветна постапка до надлежен суд. Апелираме дека сите патници имаат законска обврска да ги пријават вредносните предмети при влез и излез од државата“, велат од Царинската управа.
Македонија
Санкционирани 𝟣𝟢𝟧 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар изминатата недела

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 09.09. до 14.09.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 105 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
„Скопје се труе, Изет се крие: од потпретседател на Али Ахмети, заврши како портпарол на Мицкоски“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за еколошката катастрофа што го погоди главниот град по избувнувањето на пожарот во Трубарево, додека министерот за животна средина, Изет Меџити, остана невидлив и неодговорен пред кризата“, велат од ДУИ
„Во моментите кога Скопје беше обвиено со токсични облаци, со мирис на изгорена пластика, гуми и батерии, граѓаните очекуваа информации, препораки и апел за заштита. Но, Меџити не излезе пред јавноста, не презеде мерки, не понуди решение. За него, поважно беше да се појави на партиски активности, како ништо да не се случило.
Парадоксално е што токму Министерството што тој го води е тоа што издава дозволи и има обврска да ги контролира ваквите објекти. Но, Меџити, наместо да преземе одговорност, се крие зад празни оправдувања и се обидува да измисли дежурни виновници во ДУИ.
Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност. Клеветите и неоснованите обвинувања нема да ги спасат од неуспехот.
Ова не е прв пат. Две децении во Чаир тој остави зад себе урбан хаос, загадување и негрижа, се сеќаваше на граѓаните само пред избори. Денес, истиот модел на неодговорност се повторува на државно ниво.
Јавно прашуваме: кој ги подметна пожарите во Битола, Кавадарци, Штип и во други градови низ државата? Зарем и таму виновна е ДУИ? Или тоа е едноставно стилот на Меџити – да бега од одговорност и да мисли само на својот личен интерес“, прашуваат од ДУИ преку писмено соопштение.