Македонија
Дијаспората може да се пријави за гласање на апликацијата од ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) во среда на својата веб-страна ќе објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за предвремените парламентарни избори на 11 декември.
Комисијата, во вторник доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас. На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија. Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември. За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни фотографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список. Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности. Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници политичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утрото студено, преку денот претежно сончево

Времето денеска наутро студено, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 14 до 22 степена.
Во Скопје, сончево со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во сабота облачноста ќе се зголеми, а од недела следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе имаат пороен карактер. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.
Македонија
Пожар во околината на Битола

Од Центарот за управување со кризи инфморираат дека во Битола гори големо стрниште а екипите на ТППЕ Битола се на лице место.
Огнот од стрништето се пренел и на трската и останатата вегетација покрај реката Црна поради што е видлив од далеку, соопшти Стојанче Ангелов.
Како што појасни гаснењето е отежнато поради калливиот терен покрај реката Црна.
„Нема опасност по населени места. ТППЕ Битола се обидува да го изгасне“, вели Ангелов.
Македонија
Телефонски броеви и информации за семејствата на пациентите кои се лекуваат во странство, објави Муцунски

Преку социјалните мрежи министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски објави како што пишува, важни информации за семејствата на пациентите кои се лекуваат во странство.
„Сите семејства на пациентите кои имаат потреба од превоз, сместување или дополнителна поддршка можат да се обратат на 070-270-370. Трошоците за оваа намена се целосно покриени од Владата.
Нашите дипломатско-конзуларни претставништва се на располагање за секоја неопходна помош, а за итни прашања достапни се и дежурните телефонски броеви: 075/273-732 и 075/268-736“, информира Муцунски.