Македонија
ДИК: Гласањето се одвива во најдобар ред, не се пријавени нарушувања
Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во странство се запишани 20.573 гласачи, а своето избирачко право ќе може да го остварат во текот на денешниот ден на 46 избирачки места во странство. Сите гласачки места на територијата на Австралија, Азија и Европа се отворени и гласањето се одвива во најдобар ред, истакна во саботата Љупка Гугучевска од Државната изборна комисија, додавајќи дека ДИК е во постојана комуникација со избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето и досега не се пријавени никакви проблеми.
Гугучевска додаде дека во сабота гласаат и избирачите кои се на издржување казна затвор или се во притвор. На гласачките места во казнено-поправните установи, потенцира, своето избирачко право ќе можат да го остварат 2.015 гласачи.
„Сите гласачки места во казнено-поправните установи се отворени во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. Во текот на денешниот ден ќе гласаат и лицата кои се наоѓаат во центрите за внатрешно раселени лица, а такви гласачи има вкупно 13. Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Македонија ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни или се во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известување со соодветната документација. Во своите домови избирачкото право ќе го остварат вкупно 5.746 гласачи“, рече таа.
Гласачките ливчиња треба да бидат обележани исклучиво со заокружување на редниот број пред подносителот на листата, заокружување на симболот на подносителот на листата или на целиот назив на подносителот на листата со хемиско пенкало во сина боја. Гугучевска рече дека ливчињата обележани на поинаков начин ќе се сметаат за неважечки.
„Интересот за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми е голем. ДИК издаде акредитација за набљудување на 7.585 домашни, 667 странски набљудувачи, 354 преведувачи и 75 странски новинари“, рече Гугучевска и додаде дека ги потсетуваат сите акредитирани набљудувачи дека ДИК има донесено кодекс за набљудување на изборите и ги повикуваме сите доследно да се придржуваат до него.
Во однос на изборниот материјал, нагласи дека во текот на петокот ДИК завршила со доставувањето на материјалот до општинските изборни комисии, веќе изутрината тие го доставиле до избирачките одбори и тие кои имаат спроведување на гласање на болни, немоќни лица или лица во куќен притвор, веќе го спроведуваат гласањето./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

