Македонија
МОСТ ќе ги следи изборите со повеќе од три илјади набљудувачи
Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори со повеќе од три илјади набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 2.664 набљудувачи кои ќе покријат околу 55 проценти од гласачките места во Република Македонија.
Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 120 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.
Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија. Покрај гласањето на 11 декември, МОСТ денес го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор, како и гласањето во 18 дипломатско-конзуларни претставништва, и тоа во: Њујорк, Чикаго, Детроит, Торонто, Мелбурн, Копенхаген, Брисел, Хаг, Париз, Берлин, Бон, Минхен, Берн, Виена, Рим, Венеција, Љубљана и Белград.
Жолтите маички со долги ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано „Мониторинг 2016“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ.
Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.
Во текот на денот, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, може тоа да го сторат преку бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четири конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот. По завршувањето на гласањето ќе биде закажана дополнителна прес-конференција на која ќе бидат објавени проекциите од паралелното пребројување на гласовите (ПВТ). Согласно новото Упатство на ДИК, им укажуваме на гласачите дека се гласа само со заокружување, со пенкало со сино мастило. Ако има било каков друг знак или друга боја, ливчето ќе се смета за неважечко.
Граѓанската асоцијација МОСТ упатува уште еден апел за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес, кој што им е повеќе од потребен на граѓаните на Р. Македонија. МОСТ ги повикува граѓаните да излезат и да гласаат по сопствена волја затоа што гласањето е слободно, а тајноста на нивниот глас е загарантирана./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Падна дрво во населбата „Автокоманда“ во Скопје
Преку Единствен повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за паднато дрво на булеварот „Александар Македонски“ близу паркингот на влезот на фабриката „Железара и Железарија Јоле“ во населбата „Автокоманда“.
Од ЦУК, веднаш по добиената информација од страна на Сектор за операции и координација, покрај МВР, беа известени ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје, коишто испратија екипи и истите интервенираа во расчистување на паданатото дрво.
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Во јужните делови наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално проследени со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во сабота ќе има преодно стабилизирање на времето, а потоа во следните денови во попладневните часови ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневната температура ќе биде во пораст.