Македонија
ДИК во четврток ќе одлучува по приговорите
Државната изборна комисија (ДИК) во средата попладнето извести дека седницата за расправање и одлучување по приговорите од подносителите на листи на кандидати за пратеници ќе се одржи во текот на утрешниот ден, четврток 15-ти декември.
За точното време на одржување на седницата, од ДИК наведуваат дека навремено ќе бидат известени овластените претставници, акредитираните набљудувачи и медиумите.
Инаку во рок од 48 часа ДИК е должна да донесе решенија по 16-те приговори кои стигнаа до институцијата. и тоа осум од подносителот на листа на кандидати Движење Беса и осум од подносителот на листа Коалиција предводена од СДСМ.
До полноќ истече рокот за поднесување приговори за постапката за сумирање на резултатите од неделните предвремени парламентарни избори во Македонија, а претходно, во 19 часот истече и рокот за поднесување приговори до ДИК за постапката за гласање.
Дел од приговорите се однесуваат на постапката за гласање, додека дел се однесуваат на постапката за сумирање и утврдување на резултатите.
Осумте приговори на СДСМ се однесуваат за текот на гласањето и за начинот на сумирање на резултатите од изборите во Изборната единица 6. Во оваа изборна единица ВМРО-ДПМНЕ освои 16,55 отсто од гласовите или 4 мандати, а СДСМ 16,33 отсто и 3 мандата.
Претходно во вторникот на прес-конференција Зоран Заев рече дека доколку овие приговори бидат прифатени од страна на ДИК, можно е да има промена во прераспределбата на мандати, и оти во најмала мета дека двете најголеми партии од македонскиот блок се изедначени.
Од БЕСА во ДИК поднесле приговори за неправилности на неколку избирачки места во Изборната единица 2 во општините Липково и Арачиново, како и во шестата изборна единица во Тетово. Во „шестката“ БЕСА освои 15,86 отсто од гласовите и 3 мандата, додека во втората изборна единица освои 7,9 отсто од гласовите и еден пратеник. Во оваа единици, ВМРО-ДПМНЕ освои еден пратеник повеќе од СДСМ, односно девет наспроти осум.
И нивните претставници сметаат дека доколку бидат прифатени нивните приговори, можно е партијата да добие пратеник дополнително, на штета на ВМРО-ДПМНЕ, којашто според прелиминарните податоци коишто ги објави во понеделникот вечерта ДИК освоила 51 мандат на предвремените парламентарни избори со што остварила тесна победа пред СДСМ со 49 пратенички мандати.
Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.
Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.
Според првичните резултати од изборите што ги објави ДИК, ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, Движењето БЕСА 5, Алијанса за Албанците три, а ДПА два.
Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги соопшти најдоцна до 20-ти декември, откако ќе поминат роковите за приговори и одлучување по нив./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

