Македонија
Димитриев: Министрите на терен ги координираат активностите во поплавените подрачја
Премиерот Емил Димитриев во понеделникот придружуван од министрите за финансии Кирил Миноски и за труд и социјална политика Диме Спасов го посети во скоспкото село Стајковци кое беше зафатено од поплавите од саботата вечерта, а истовремено градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заедно со министрите за здравство, за внатрешни работи и за транспорт и врски, Никола Тодоров, Митко Чавков и Владо Мисајловски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу ги посетија Инџиково, Црешево, Смилковци, Виниче и Страчинци, каде што се во тек активностите за расчистување на теренот и последиците од катастрофалното невреме.
Димитриев ги информирапе жителите дека комисиите за процена на штетите од понеделникот се на терен и дека по извршената процена средствата ќе бидат префрлени на граѓаните, а наскоро ќе почне и исплатата на еднократката парична помош за семејствата кои загубија некој член.
„Формирана е централна комисија за проценка на штети. Ќе се формираат и општински комисии во поголем број бидејќи теренот што треба да биде покриен е голем. Согласно проценките на тие општински комисии преку централната комисија во корелација со Министерството за финансии и Владата ќе ги надоместиме штетите“, рече Димитриев.
Истакна дека ангажирана е и војска и полиција, волонтери и доста градежна механизација и оцени дека во однос на вчерашниот ден денеска начинот на организирање е многу подобар и дава ефекти.
„Најважно е што одредивме координатори од Владата во населени места, тоа се министри, бидејќи повеќе институции се ангажирани и некој треба да ги координира меѓусебно. Овие министри ќе бидат постојано тука на терен присутни за координација, да имате на кого да се обратите за помош да биде тоа испланирано, да се дадат приоритети каде треба ресурсите да се насочат“, рече Димитриев.
Сите жители од зафатените подрачја, како што информираа Димитриев и Спасов, ќе бидат ослободени пет работни дена за да може да ги расчистат своите домови.
Градоначалникот Коце Трајановски во просториите на ОУ „Дане Крапчев“ одржа координативен состанок со претставници од армијата, Дирекцијата за заштита и спасување и со претставници од месните заедници од овие скопски села.
На терен прво почна санацијата и чистењето на каналот во населеното место Инџиково, за да можат да се испразнат и атмосферските канализации, како и дворовите и куќите на граѓаните.
Екипите на Градот Скопје и на општините се на терен и неуморно им помагаат на жителите кои настрадаа во поплавата, рече денеска градоначалникот Коце Трајановски./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 15 февруари трае трката за „Млад инженер на годината“: повик до младите таленти до 35 години да се пријават
Инженерската институција на Македонија информира дека повикот за пријавување на инженери за избор за наградата Млад инженер на годината трае до 15.02.2026 година (недела). На овој повик може да се пријават сите млади инженери до 35 години (вклучувајќи и 35 години) на следниот ЛИНК.
Како што потврдуваат од ИМИ, освен возраста, новиот Млад инженер ќе се избира согласно постигнатите инженерски резултати во 2025 година, лидерството и инспирацијата за младите; креативноста и иновативноста; споделувањето знаење, ангажирањето во заедницата и општествено и етичкото влијание на околината.
Свеченото прогласување на новиот млад инженер ќе се одржи на 31.03.2026 година во Холидеј ин. Повод за доделување на признанието е 21 март – Денот на македонските инженери. Целта на оваа иницијатива е да се промовираат младите инженери на национално и меѓународно ниво што ќе придонесе младите луѓе да се насочуваат кон инженерска професија.
Новиот Млад инженер ќе учествува на Европската конференција на млади инженери. Согласно правилата, од сите пријавени кандидати, во потесна селекција ќе бидат избрани 5 лица за кои гласа Комисија на ИМИ и од нив се избира победникот.
Минатата година со ова Признание се закити Филип Попоски од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Партнер на настанот е Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.

