Македонија
ДУИ е против законите за лична карта и за живеалиште
Албанската партија на власт, ДУИ е категорично против да бидат донесени измените на законите за лична карта и за живеалиште и престојувалиште, затоа што, според нив, така ќе се `избришат` околу 200.000 Албанци, печалбари
Пратеникот Рафиз Алити, потврди дека доколку законот за лична карта дојде на гласање на седница на Собранието, за кого е потребно мнозинство и според бадинтеровиот принцип, дека пратениците од ДУИ ќе гласаат против. По автоматизам законот ќе биде одбиен.
Алити не потврди дали ДУИ подготвува десет илјади амандмани на Законот за живеалиште и престојувалиште за чие донесување е потребно обично мнозинство, како што тоа беше најавено минатата недела, само рече дека е потребно да се разговара.
„Ние нема да ги гласаме овие закони. Нашиот став е дека имаме концептуални разлики со коалициските партнери. Во наредните денови ќе разговараме за овие прашања“, рече Алити.
Алити и пратеникот Џеват Адеми ќе започнат разговори со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Зоран Илијоски.
Од ДПА, пак, сметаат дека ДУИ игра двојна игра и дека манипулира со граѓаните Албанци.
„Министрите од ДУИ во Владата гласаа за овие антиалбански закони, како што гласаа и за законите за уставни измени и за државен грб, а потоа изигруваат патриоти кои наводно со амандмани ќе му се спротивстават на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Газменд Алиу.
ДПА смета дека единственото решение е повлекување на законите.
Според Алиу, антиалбанска е одредбата според која ќе може да се избрише адресата на живеалиште на секој граѓанин кој ќе претстојува над три месеци во странство.
Со предложените измени, лична карта ќе може да се добие и на други места, а не само во службените простории на МВР и не само во општината каде постојано се живее. Со промена на местото на живеалиштето или престојувалиштето, ќе може да се побара лична карта со нова адреса, а како документ ќе биде доволна и само писмена изјава од сопственикот на живеалиштето./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.

