Македонија
Дваесет години од атентатот врз Киро Глигоров, истрага без резултати
Дваесет години се навршуваат од атентатот врз поранешниот претседател на Македонија Киро Глигоров, извршен во Скопје, а нарачателите и извршителите, официјално, сé уште не се познати,односно истрагата останата на моментот против непознат сторител.
На 3 октомври 1995, во самиот центар на македонската престолнина беше извршен терористички атак со автомобил–бомба „ситроен ами 8“, активирана во моментот кога возилото на првиот претседател на независна Република Македонија минуваше на пат до претседателскиот кабинет, сместен во зградата на парламентот.
Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.
Во атентатот извршен со повеќе од 20 килограми моќна експлозивна мешавина од неколку вида експлозиви, Глигоров го загуби едното око, но преживеа и по неколку месеци продолжи да ја извршува функцијата.
Истрагата спроведена од македонските служби за безбедност веднаш по атентатот е направена со многу формални и неформални пропусти, така што до денес, официјално, нема ниту осомничени, ниту обвинети лица.
Според официјалните полициски информации, во врска со атентатот биле легитимирани 188.250 лица, се извршила контрола на 115.000 моторни возила, биле претресени 18.929 граѓани и 30.850 возила. Во исто време биле прегледани 15.000 објекти и 20.250 различни моторни возила.
Атентатот се случи еден ден по враќањето на Глигоров од Белград, каде беше на разговори со тогашниот лидер на Србија Слободан Милошевиќ и само неколку дена пред ратификацијата на привремената спогодба со Грција.
Тогашен премиер беше Бранко Црвенковски, претседател на парламент Стојан Андов, министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, шеф на Службата за државна безбедност Слободан Богоески…
Првиот ден на 3-ти октомври во попладневните часови, Македонската телевизија објави дека во близина на местото на атентатот „биле забележани две сомнителни лица со бради“ , кои со „еено 9“ со велешка регистрација, се упатиле во непознат правец.
Дури дваесет иеден ден по атентатот, Фрчкоски излезе во јавноста со сомневања дека зад атентатот стои бугарската компанија Мултигруп. Подоцна оваа теза се покажа сосема погрешна и беше напуштена. Легендарниот шеф на компанијата, Илија Павлов, кој самиот стана жртва на атентат во март 2003, беше и лично кај Глигоров, да го убеди дека нема ништо со атентатот од 3-ти октомври 1995-та.
По повеќе години по атентатот врз Глигоров, некои од тогаш клучните лица кои биле на функции или биле инволвирани во истрагата тогаш или подоцна, како што се Фрчкоски или екс министерот за внатрешни работи Павле Трајанов, тврдат дека најмалку испитана опција во истрагата била таа, дека зад атентатот стојат српски воено-полициски кругови.
Десет години по атентатот, многу лица кои на некаков начин беа поврзани со самиот настан или со подоцнежната истрага, веќе не се меѓу живите или пак формално се водат како исчезнати.
Киро Глигоров (Штип, 3 мај 1917 – Скопје 1 јануари 2012) беше прв претседател на самостојна и независна Република Македонија. Тој беше на чело државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати. Глигоров за овој настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“ објавена во 2002 година./крај/мф/сн.
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

