Македонија
Единаесетгодишно дете пронајдено мртво, се трага по едно и полгодишно дете

Единаесетгодишно дете од Стајковци во понеделникот вечерта на последната станица на автобусот број 65, во скопската населба Сингелиќ, било пронајдено мртво.
Телото на детето го нашол неговиот татко по дводеневна потрага. Детето не беше пријавено за исчезнато во полиција, таткото го пријавил случајот во понеделникот.Детето заедно со неговиот дедо во саботата вечерта се враќале со трактор дома, кога кон нив налетал воден бран којшто го превртел тракторот. Дедото успеал да се спаси, додека детето го однела водата кон Попово маало. Од тогаш му се изгубила секаква трага, сѐ до понеделникот кога телото било најдено. По наредба на јавен обвинител, телото на детето е предадено на семејството. Исчезнато е едно и полгодишно дете кое поплавата го затекла во автомобил на обиколницата кај Смилковското езеро. Случајот го пријавил чичкото на бебето, a во автомобилот со детето бил неговиот татко, кога ги однел водениот бран. Таткото не успеал да се спаси, а на детето му се губи секаква трага.Официјално, во невремето и поплавите во Скопје загинаа 22 лица, 78 се повредени и едно лице се води како исчезнато./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Марш за Ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе почне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организираа и во други градови.
Македонија
Изгаснат е тежок пожар пред Пинтија, под контрола се пожарите во „Дрисла“ и Трубарево, активен е пожарот на Кожуф

Рано утрово пред четири часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во местото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, уље и други запаливи предмети, информира утрово директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека БППЗ Скопје веднаш излегле на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат пред 6.00 часот.
Според последните информации од ЦУК до 07:00 часот утрово на територијата на Р.С.Македонија има вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои 1 е активен, под контрола се 2 пожари, а изгаснати се 10 пожари.
Активни: 1
1. Општина Гевгелија: Кожуф планина кај с. Петрово (приземен пожар, лисна маса);
ПОД КОНТРОЛА: 2
1. Општина Студеничани: Депонија Дрисла (ѓубре);
2. Општина Гази Баба: с. Трубарево (електричен отпад);
Изгаснати: 10
1. Општина Пробиштип: нас. Калниште – с. Добрево (висока дабова шума и нискостеблеста вегетација);
2. Општина Кочани: м.в. Царев Врв, Осоговски Планини (ниска вегетација и стрништа);
3. Општина Шуто Оризари: ул. Нов Живот (ѓубре);
4. Општина Гази Баба: ул. Перо Наков (ѓубриште);
5. Општина Студеничани: с. Горна Количани (ниска вегетација);
6. Општина Врапчиште: с. Неготино (ниска вегетација);
7. Општина Долнени: с. Лажани (ниска вегетација);
8. Општина Демир Хисар: Грејшки Пат (ниска вегетација);
9. Општина Куманово: градски гробишта (ниска вегетација);
10. Општина Липково: с. Оризаре (стрниште).
Македонија
Мицкоски треба да одговара за ширење страв и паника, по признанието на Тошковски дека нема центри на моќ зад пожарите, велат од СДСМ

Панче Тошковски во интервју призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево и дека нема странски и домашни центри на моќ кои ја палат Македонија. Ова признание на Тошковски e директент демант на изјавите на Мицкоски, велат од СДСМ.
„Дополнително, признанието на Тошковски е потврда дека Христијан Мицкоски ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба со цел да ја покрие сопствената неспособност.
Ова е потврда и дека Мицкоски без основа ширел страв и паника во јавноста.
По ова признание на Тошковски, Христијан Мицкоски треба да одговара за предизвикување страв и ширење паника во јавноста без да се базираат на било какви факти и докази.
Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави“.
Оваа влада и овој премиер, оценуваат во СДСМ, се опасност по граѓаните, по нивниот живот, по здравјето, но се опасност и по институциите кои ги множат со нула и по државата во целина.