Македонија
ЕК: Со добра волја да се спроведат обврските што ги презедоа македонските партии
Европската комисија, излезе со соопштение по повод посетата на комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан на Македонија и неговото посредување меѓу политичките партии во земјата за договор за надминување на политичката криза.
Во соопштението на ЕК се наведува дека во Скопје, Хан се сретна со премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, со цел да ги продолжи разговорите за да се најде решение за тековната политичка криза.
„Разговорите беа конструктивни, изградени врз основата на разговорите што се одржаа во Стразбур во Европскиот парламент (заедно со тројцата европратеници) пред две недели. Сите партии се обврзаа да ги постават најпрво интересите на граѓаните и на сите заедници во земјата. Тие ја потврдија својата посветеност на евро-атлантскиот процес и на демократските принципи, зајакнување на меѓуетничките односи и подобрување на добрососедските односи“, се вели во соопштението на ЕК.
Како што соопштува ЕК, голем број конкретни мерки биле дискутирани и договорени меѓу Хан и македонските политички лидери во однос на решавање на критичните предизвици со кои се соочува земјата.
„Голем број точки ќе треба да бидат дополнително разработени и договорени во текот на следните неколку дена, а во таа смисла, комесарот побара набрзо да ги финализираат разговорите со лидерите. Од суштинско значење е обврските што беа преземени од страна на партиите, во иднина да се спроведат во добра волја“,наведува Европската комисија.
„Ние мораме да работиме и во вашата земја во духот на соработка, на неопходниот политички компромис, со цел да се добие потребниот баланс меѓу различните сили и меѓу различните групи во општеството и тоа е причината зошто ние се согласивме да се предвиди еден вид на транзициски период“, се додава во соопштението, што беше изјава и на еврокомисарот Хан, по завршувањето на разговорите.
Договорено е дека до крајот на април следната година треба да има предвремени избори, но важно е земјата да се подготви.
Станува збор за солиден Изборен законик, проверка на Избирачкиот список, почитување на правата на заедниците. Ќе биде уште поважно да се прифатат сите препораки што се дадени од страна на Европската комисија, кога станува збор за независноста на судството.
„Ние се согласивме да се примени методологијата што обично се користи кога се преговара за поглавјата 23 и 24, станува збор за владеење на правото, независност на судството, слобода на медиумите“, рече комесарот Хан, по вчерашната средба со македонските политички лидери во Скопје./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

