Македонија
Гаражите на Водно се уриваат по барање на сопственици на имот зад нив
Сопствениците на имоти зад спорните гаражи на Водно, кои во вторник требаше да бидат урнати, барале и добиле решение за уривање од Општина Центар уште во 2013 година, појаснува преку допис адвокатската канцеларија која им го води случајот.
„За објектите (гаражи) кои се дивоградби и се предмет на уривање во законска процедура, доставено е Барање до Општина Центар за инспекциски надзор и на 7.10.2013 година од страна на Општина Центар е издадено решение за рушење. Барањето за инспекциски надзор на овие дивоградби е поднесено од страна на сопсвениците на имотот кој се наоѓа зад споменатите гаражи, од причина што тие физички го попречуваат пристапот до нивниот имот“, се вели во дописот на адвокатите.Адвокатот Фани Михајловска појаснува дека зад дивоизградените гаражи се наоѓа имот, во сопственост на нејзина странка, стекнат во постапка на денационализација, а тоа се катастарски парцели со броеви 1667, 1309/7, 1309/3, 1309/9 и 1309/12. Посочува дека податоци за сопствениците и основот за стекнување на сопственоста се јавно достапни во Агенцијата за катастар на недвижности и на нивната веб-страна, на која како што проверивме стои само дека тие парцели се имот на сосопственици, а не е наведено ниту едно име на сопственик.Во вторник, по вторпат градежни инспектори поддржани од полиција се обидоа да спроведат уривање, но беа спречени од десетици граѓани, меѓу кои и бизнисменот Ристо Гуштеров, кој е сопственик на една од гаражите и тврди дека тие се уриваат за да се направи пат кон градежни парцели, за кои наводно заинтересирани се високи функционери, објавено пред извесно време во „бомбите“ на опозицијата./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

