Македонија
Гарет му врати на Груевски: Понекогаш праќаме тешки пораки
Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Унијата на жени ги прозва амбасадорите во земјава со врска со случајот со заменик-министерот Диме Спасов, кој пред десетина дена направи неколку сообраќајки и бегаше од полицијата, со цел да покаже како би се однесувале тие ако место Спасов тоа бил фунцкионер на СДСМ, британскиот амбасадор Чарлс Гарет му порача дека понекогаш амбасадорите праќаат тешки пораки.
„Овде бев пратен како амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија за да ги претставувам британските гледишта и британската политика, а исто така се пратени и многу амбасадори овде во Скопје, кои ги претставуваат своите земји и нивните политики. Го правам тоа најдобро што умеам и акциите кои ги преземаме зборуваат дека е така веќе 25 години“, рече Гарет.
Тој порача дека Велика Британија е голем поддржувач на Македонија, а себеси се гледа како критички настроен пријател кон Македонија, како и дека ја поддржуваат секогаш кога можат, како во 2005 година, кога Британија претседаваше со Европската унија, а Македонија стана кандидат за член во ЕУ.
„Таква поддршка ние можеме и ја даваме, а истовремено критичките осврти пораките кои ги праќаме мислиме дека се неопходни за да дадеме поттик за тоа на каде треба да се движат работите. Тоа значи дека понекогаш праќаме тешки пораки“, рече Гарет, кој во вторник присуствуваше на панел-дискусијата во организација на граѓанската асоцијација МОСТ за одвојување на политичките партии од државата.
Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот говор на Годишната конференција на Унијата на жени на партијата, во замислено сценарио ги критикуваше сите свои политички опоненти, странските амбасадори, Специјалното јавно обвинителство и новинари и невладини организации.
Осврнувајќи се на случајот со Диме Спасов, Груевски рече дека реакциите ќе биле поинакви доколку во случајот на Спасов, било лице од СДСМ, а министер во МВР би бил од ВМРО-ДПМНЕ.
„После хајката со Диме, мислам дека и на последниот човек во земјава сé му јасно. Снимките јасно одговорија на што, и немам што да додадам. Само можам да замислам што ќе се случеше ако беше обратно. Јунаците од СДСМ со трчење и плачејќи ќе отидеа во сите амбасади во земјава. После некои од амбасадорите мераклии на Твитер ќе испратеа некоја порака преку Твитер и ќе побараа итна средба за половина час кај мене а првата реченица ќе им беше дека нивните главни градови се згрозени и шокирани. Па за еден час или два ќе твитнеше некој странски министер во поддршка на амбасадорите онака случајно и несинхорнизирано, следеле ситуација во земјава. Потоа најмалку пет амбасадори ќе прочитаа нешто под прозорот или во штабот во смисла дека демократските процеси се загрозени, дека се многу загрижени, дека бараат да се расчисти случајот, дека ќе влезе тоа во сите можни извештаи, дека ќе има одговор и санкции. До вечерта сигурно и 2-3 министри за надворешни работи ќе изразеа загриженост, осуда, одлибску ќе мониторираат, па дека ова не оддалечува од НАТО и ЕУ“, рече Груевски. „Ама бидејќи сега е обратна сиуацијата, сега од амбасадорите нема ниту глас ниту реакција, не се они такви што сакаат да се мешаат“, додаде тој./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

