Македонија
Груевски ги повика студентите на средба во Владата
Студентскиот и Професорскиот пленум во петок биле повикани на ненадејна средба со премиерот Никола Груевски во Владата, како дел од работната група на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, соопштуваат од Студентскиот пленум.
„Сомнително е зошто владата повторно по последниот момент менува одлука за заседавање на комисија, особено кога таа не треба да ја води дискусијата за законот за високо образование – туку треба да биде набљудувач. Го потсетуваме Премиерот дека дебата за високото образование треба да се води на универзитетот, а не во Владата. Но, сепак, и покрај недоследностите во однесувањето на Владата, во знак на добра волја, ќе ја искористиме приликата да пратиме свои претставници во кабинетот на премиерот и уште еднаш да истакнеме дека Студентскиот пленум бара итно прогласување на мораториум врз последните измени во Законот за високо образование (ЗВО). Тоа подразбира одложно дејство врз измените во ЗВО, се додека не се донесе целосно нов закон, кој ќе произлегува од инклузивен дијалог и ќе се темели на суштински анализи“, соопштуваат од Студентскиот пленум.Пред три дена Министерството за образование и наука, го прифати предлогот на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, да се иницира расправа со наставниците, студентите и сите релевантни чинители во процесот на високото образование, заради сеопфатна, стручна и темелна анализа од која ќе произлезат предлози за реформи и подобрувања во високото образование.„Имајќи во предвид дека предлогот од наша страна беше оценет како конструктивен и во насока на унапредување на високото образование во земјата, Министерството за образование и наука на ден 10.о2.2015 година (вторник) предлага да се одржи иницијална средба на којашто би присуствувале соодветни претставници, делегирани од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје“, соопштија од Министерството.Студентите сепак ја продолжуваат борбата против новиот Закон за високо образование и потсетуваат дека „Универзитетот е на студентите“.„Бидејќи четири месеци ја водиме борбата на оспорување на овие лоши реформи, 4 месеци во кои владата одговараше со игнорирање, етикетирање, манипулирање и комплетна непочит кон идеите за демократска инклузивност и дијалог, сметаме дека е малку иронично што сега, на донесен закон, „вонредно“ не повикува на преговори. Токму затоа, се додека ова барање не помине во итна собраниска процедура, Студентскиот пленум нема да престане да делува вонинституционално, според договорениот тек“, велат од Студентскиот пленум./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

