Македонија
Груевски: Македонија ќе излезе посилна од оваа криза
Премиерот Никола Груевски преку статус на својот Фејсбук профил ги поздрави заклучоците на ЕУ и најави дека ќе продолжи посветено во исполнување на договорот постигнат на 2-ри јуни.
„Ги поздравувам заклучоците на ЕУ, продолжуваме посветено во реформскиот процес и договорот од 2 јуни. Продолжуваме за подигање на стандардите во сите области, пред се заради подобар квалитет на животот на граѓаните на Република Македонија и прогресот кон ЕУ. Македонија ќе излезе посилна од оваа криза, а нашиот народ е мудар и знае да цени и вреднува кој работи за него и со кого има подобра иднина. После прогресот кон ЕУ, Владата ќе излезе со конкретен план на мерки и активности во насока на реформскиот процес“, напиша Груевски.Спроведување на пакетот за итните реформи кој го објави минатата седмица Европската комисија, како и почитување и спроведување на договорот од 2-ри јуни за надминување на политичката криза во Македонија, се бара во заклучоците на Советот на Европската унија, кој подоцна во четврток, треба да бидат усвоени на Самитот на министртите за надвореши работи./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта
Се потврди најлошото, ИПАРД 3 програмата е суспендирана поради корупцискиот мега скандал на власта, велат од СДСМ.
„Земјоделците остануваат без потребната поддршка, поради корупција, партизација и неспособност на кадрите на ДПМНЕ. Суспендирањето на ИПАРД 3 програмата е тежок удар врз македонското земјоделство, врз илјадници земјоделци и компании кои веќе имаат склучени договори и реализираат инвестиции. Овој мега скандал е показател за систем на корупција и клиентелизам што целосно ја разорува довербата на граѓаните во институциите. Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство биле известени за суспензијата уште во петокот, но не ја информирале јавноста“, велат од партијата.
Од СДСМ прашуваат кој ќе понесе одговорност за овој, како што велат, мега скандал?
„Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Кој ќе одговара за криењето информации од јавноста? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка? Оние што се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Мицкоски и блиски соработници на Трипуновски од министерството, затоа политичката одговорност за овој случај мора да има. Ќе го повика ли Мицкоски на одговорност Трипуновски или ќе продолжи да го штити?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Зелен хуман град: Пратениците сите до еден гласаа против нас, обичните смртници
„Во македонското Собрание во екот на предизборието овој септември се случи нешто што мора да остане запаметено: од 98 присутни пратеници, ниту еден не гласаше против Законот за контрола на индустриски емисии. Овa е првпат во закон што уредува деликатна област која директно го засега нашето здравје и животната средина да се воведе институт „деловна тајна“, велат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Со еден потег, сите пратеници – и тие што гласаа и тие што преќутеа – им овозможија на загадувачите да кријат информации за процесите што ги спроведуваат, за материјалите и суровините што ги користат и за последиците што ги предизвикуваат врз нашите животи.
Да си додадеме сол на рана, текстот на законот го поздравија и го поддржаа „Усје“ и „Макстил“. Тоа само по себе кажува за кого е пишуван и во чии интереси е донесен.
„Деловна тајна“ досега постоела само во Законот за тутун и производи од тутун, каде што листата на емисиите од секоја марка цигари се сметаат за тајна. Истото тутунско лоби со години се бореше да ја сокрие вистината дека цигарите предизвикуваат рак. Илјадници прерано згаснати животи подоцна, вистината стана јавна.
Денес, нашите пратеници го прават истото, го легализираат загадувањето криејќи се зад „европски стандарди“.
Во земја со највисока стапка на заболување и на смртност од рак на бели дробови во регионот, наместо транспарентност, добиваме мрак. Наместо заштита на нашето здравје, добиваме заштита на индустриските интереси“, се наведува во соопштението на граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Од таму велат дека ќе продолжат „да се борат против оваа мафијашка логика“.
„Нашето право да дишеме чист воздух може да ни го одземат само ако се предадемe!“, додаваат од Зелен хуман град.
Македонија
Општина Кисела Вода и Факултетот за физичко образование започнуваат соработка: обука за наставниците за работа со деца со посебни потреби
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, оствари средба со проф. д-р Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. На овој работен состанок, соговорниците дискутираа за унапредување на можностите и квалитетот на наставата по физичко образование во основните училишта, како и за важноста на нејзината инклузивност.
Средбата претставува почеток на институционална соработка меѓу општина Кисела Вода и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, насочена кон поддршка на наставниците, промоција на здрави навики и создавање инклузивна средина во спортот и образованието. Како прв заеднички чекор, постигнат е договор наставниците по физичко образование од основните училишта во Општина Кисела Вода да поминат обука за работа со деца со посебни потреби, која ќе започне во декември, известува Општината.

Оваа обука има за цел да обезбеди пристапност, разбирање и соодветен пристап кон секое дете, со што ќе се придонесе кон еднакви можности и поголема интеграција во наставниот процес.

-Ми беше драго што се запознавме со активностите на факултетот и што заеднички можеме да направиме повеќе за здравјето и развојот на децата, особено на оние со попреченост. Со деканот, проф. д-р Неделковски, разговаравме и за други можности за соработка, кои ќе придонесат за зајакнување на спортот и физичката култура кај најмладите. Во фокусот на мојата работа како градоначалник ќе биде унапредувањето на спортската инфраструктура, но и подобрувањето на наставата по физичко образование, како и обезбедувањето еднакви можности за сите деца, без исклучок- изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.

