Македонија
Груевски се појави на суд во процесот за нарачаните насилства во општина Центар
Обвинетиот Никола Груевски, поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во петок се појави во судот каде треба да се одржи рочиште за предметот поднесен од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за наводно нарачни насилства во Општина Центар во 2013 година.
Со Груевски дојдоа и другите обвинети, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова, и двајца советници од општина Центар.
Во случајот обвинети се девет лица. Обвинението се однесува за учествување во насилството потикнато од политичарите.
Обвинителка во овој случај е специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, а судијка е в.д. претседателката на судот Татјана Михајлова.
Обвинението беше покренато на 15 септември. Политичарите се товарат дека организирале собири поради најавеното оспорување на Детален урбанистички план на Советот на општина Центар. За ВМРО-ДПМНЕ и овој случај е дел од политичката агенда на СЈО и СДСМ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче-Ле Риголер: Евроинтеграцискиот процес мора да продолжи, Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.
На средбата претседателот на СДСМ, Филипче, го информираше амбасадорот за актулените и идните политики на партијата, како и за започнатите реформски процеси за зајакнување на партијата како единствена европски оринетирана социјалдемократска партија.
Воедно на средбата се разговараше за процесот за евроинтеграција на државата, при што Филипче посочи дека додека Владата ја предводеше СДСМ, се вложи сиот политички капацитет на полето на добрососедските односи и забрзување на евроинтеграцискиот процес. При тоа напомена дека загрижува моменталната политика на актуелната власт во делот на евроинтеграциите.
„Актуелната власт сè уште не претстави јасна стратегија или конкретни чекори за продолжување на евроинтеграциите, и тоа загрижува. СДСМ, пак, демонстрира јасна визија за европски напредок и останува цврсто посветена на патот кон ЕУ, со акцент на исполнувањето на преговарачката рамка и клучните реформи“, рече Филипче.
На средбата претседателот на СДСМ и амбасадорот Ле Риголер, разговараа за досегашните билатерални односи како и за можноста за продлабочување на соработката помеѓу Северна Македонија и Франција.
Македонија
МВР за апсењата во Врапчиште: Лицата пружале отпор на полицијата која им наредила да ја напуштат општината
Министерството за внатрешни работи се огласи за денешните апсења на двајца жители на Врапшчите кои инститираа на средба со градоначалникот, Исен Шабани од ДУИ, откако беше прекината работата на реставрација на црквата Света Петка.
Од тука велат дека во 10 часот од страна на полициски службеници од НККР Гостивар, градежен инспектор од општина Врапчиште и ангажирана геодетска фирма извршен е увид на локацијата каде се наоѓа црквата во атарот на с. Галате. Увидот е извршен по претходно отворена пријава на 9 септември од страна на инспектор за урбанизам при општина Врапчиште за бесправна градба на оваа локација, а по завршување на увидот, од страна на градежниот инспектор местото е околчено со арматури и трака.
„Околу 15 часот од страна на лицето Д.П., во присуство на неколку граѓани, отстранета е арматурата и траката, по што групата граѓани се упатиле пред општина Врапчиште, каде се одржал мирен протест. Од страна на Д.П. и уште две лица, дел од траката е залепена преку влезната врата на општината, а по извесно време Д.П. со група од околу 10 луѓе влегува во објектот на општината, со цел да бидат примени од страна на градоначалникот Исен Шабани. По извесно време, градоначалникот се согласил да ги прими, но со услов разговорот да не се снима со приватни телефони. Групата граѓани одбиле да го направат тоа и градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле, градоначалникот побарал од полициските службеници да го испразнат објектот, по што од страна на полициските службеници при ПС ОН Гостивар на групата граѓани им е дадена наредба да го напуштат објектот на општината, нешто кое Д.П. и уште едно лице одбиле да го направат и пружиле активен отпор на полициските службеници. Двете лица се приведени во просториите на ПС Гостивар и по извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, истите се пуштени да си одат“, велат од Министерството.
МВР апелира за воздржување од било какви тензии по однос на овој настан. Било кое подгревање на меѓуетнички и меѓурелигиски тензии било на јавен простор или преку социјални медиуми ќе биде предмет на кривично-правен прогон од страна на МВР.
„Македонското општество е засновано на меѓусебна почит и толеранција, а нашите темелни уставни вредности се гарант дека никој нема право да ги користи верските прашања во дневно-политички цели. МВР во текот на утрешниот ден ќе направи средби со сите чинители кои можат да придонесат за расчистување на овој настан“, се наведува во соопштението.
Жителите на Галате викендов почнаа со градежнни работи, за реставрација на црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште, но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекина работите, а црквата денес беше оградена со лента на којашто пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“.
Граѓаните инситираа на прием кај градоначалникот на општина Врапчиште, но до средба не дојде.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Беше запалена од страна на УЧК во во 2001 година.
Македонија
Полицијата приведе две лица за случајот со црквата Света Петка во Врапчиште
Полицијата приведе две лица кои инсистирале да се сретнат со градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани, по прекинот на работата во црквата Света Петка.
Тие биле приведени во општината. Од СВР Тетово информираа дека не ја почитувале наредбата од овластено службено лице и агресивно се однесувале кон полициски службеници. Едниот од нив подоцна објави дека е ослободен и им се заблагодари на сите кои го чекале пред полициската станица.
Жителите викендов почна со градежнни работи, за реставрација на црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште, но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекина работите, а црквата денес беше оградена со лента на којашто пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“.
Граѓаните попладнево се упатија кон општинската зграда каде бараа прием кај градоначалникот на општина Врапчиште, но до средба не дојде.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Беше запалена од страна на УЧК во во 2001 година.