Македонија
Груевски сведочеше пред Анкетната комисија
Вистинската анкетна комисија ќе биде онаа на народот на 24-ти април, изјави премиерот Никола Груевски по речиси петчасовното сведочење во понеделникот пред собраниската Анкетна комисија за прислушуваните телефонски разговори на владини функционери, додека нејзиниот претседател од редовите на но позицијата Петре Шилегов рече дека немало никакви класифициран информации во одговорите на премиерот за седницата да се одржи зад затворени врати како што бараше Груевски.
Премиерот Никола Груевски, по завршувањето на неговото сослушување како прв сведок образложи дека побарал затворена седница за најголемата опозициска партија СДСМ да не ја искористи можноста да создава конфликти и тензии. Сепак, на новинарските прашања тој не посочи кои делови од неговите искази биле доверливи.
„Се повикав на членот 4 став 4, од едноставна причина што единствената програма на СДСМ е да создава конфликти, деструкција и ширење омраза, и не сакав да им го дадам тоа задоволство денеска“, рече на барање да појасни зошто беше против медиумите да присуствуваат на седницата.
Претходно Груевски изјави дека дошол „да одговорам на поканата на Анкетната комисија во својство на сведок, да одговорам на сите прашања кои сакаа нејзините членови да ми ги постават и одговорив на сите прашања без исклучок. Дури, на крајот добар дел од нив немаа и доволно прашања…“, рече премиерот додавајќи дека станува збор за материја којашто претходно ја споделил со јавноста.
„Мислам дека по оваа Анкетна комисија, следува и онаа вистинската анкетна комисија на народот на 24-ти април следната година“, порача Груевски.
На новинарско прашање за тоа како одговара на прашања (во комисиајта), а обвинителството покренува истрага против него во врска со прислушуваните телефонски разговори, Груевски посочи дека Обвинителството работи согласно материјалите што ги доби од СДСМ.
„Одговорив совесно и навреме дојдов да им ја кажам вистината о очи на оние кои сакаат да ја искриват“, рече Груевски на тврдењето на претседателот на комисијата Шилегов дека ја „торпедирал комисијата“.
На прашање дали ќе биде почитуван договорот од Пржино, како услов кој го бара опозицијата за одржување на предвремените избори, Груевски истакна дека „мора да се испочитува и дека мора да има избори на 24-ти април“, а за неговото повлекување од премиерската должност одговори дека „ќе биде постапено како што е предвидено“ со споменатиот договор.
„Немаше никакви класифицирани информации во одговорите на премиерот Никола Груевски, пред Анкетната комисија“, рече претседателот Петре Шилегов, по завршеното сослушувањето. Не одговори на прашањето за содржината на одговорите на Груевски, но рече дека од нив „еден ден може да се направи македонска хумористична серија“.
Шилегов го обвини премиерот дека ја „торпедирал“ работата на Комисијата, а на прашањето за што подразбира за тоа „ако претседателот на Владата, како најодговорен во државата, одбере за скандал од толкави размери да се сокрие со цел да не се соочи пред јавноста со прашањата, тогаш неговото однесување не е ништо друго туку торпедирање на Комисијата. Наместо јавно и транспарентно да ги даде одговорите, одбра јавноста да биде исклучена од сослушувањето. Жално е што тоа се случи, не разговаравме за никакви класифицирани информации и толку можам да кажам. Не знам зошто беше побарано оваа седница да биде затворена, ниту прашањата ниту одговорите не беа класифицирани“, рече Шилегов.
„За одговорите на Груевски не би можел да зборувам. Не сакам да ширам хумор за толку сериозна тема. Стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема интерес оваа комисија да проработи. Стана јасно дека на ВМРО-ДПМНЕ не му е потребна Анкетната, затоа што се покриени со нивната медиумска надмоќ. Излезе дека храбриот боксер сака да боксува на скриени мечеви“, дополни Шилегов.
Рече и дека записниците од седмицата нема да бидат достапни за јавноста, затоа што, според неговото толкување, тие се под посебен режим на чување материјали во Собранието и нема да може да се објават./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда, велат од Левица
Податоците на Државниот завод за статистика за сиромаштијата во Македонија за 2024 година не се изненадување туку потврда на длабоката структурна криза на македонскиот економски модел. Стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, со речиси 30 проценти сиромашни деца и алармантни 45,8 проценти сиромашни самохрани родители не е резултат на „надворешни шокови“ туку на долгогодишна политика што систематски го потценува трудот и ја префрла цената на економските „реформи“ врз најранливите, велат од партијата Левица.
„Фактот дека 7,9 проценти од вработените живеат под прагот на сиромаштија е директен доказ за неуспехот на неолибералната догма дека пазарот сам ќе обезбеди достоинствен живот. Ова е класичен пример на експлоатација на трудот, економија во која се работи а не се живее. Минималната плата одамна престана да биде алатка за социјална заштита и се претвори во инструмент за одржување на евтина работна сила во корист на крупниот капитал.
Особено загрижувачка е состојбата кај семејствата со повеќе деца каде што повеќе од половина живеат во сиромаштија (54,8%). Тоа говори дека државата практично ги казнува домаќинствата што репродуцираат работна сила додека истовремено субвенционира профити и даночни олеснувања. Социјалната држава е сведена на статистичка категорија а не на реална економска политика.
Дебатата за минимална плата од 500 евра навистина е надмината. Ако прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е над 31.000 денари месечно, тогаш е економски и морално неодбранливо минималецот да биде под ниво што овозможува елементарна репродукција на работната сила и достоинствен живот. Аргументот дека „економијата не може да издржи“ повисока минимална плата е политички избор а не економски факт. Истата таа економија без проблем издржува масовни субвенции за странски инвеститори, даночна регресија и толеранција кон сивата економија.
Левица предупредува дека решението не е козметичко покачување на платите, туку системска промена: силна прогресивна даночна политика, јакнење на колективното договарање и активна социјална држава што ќе ги штити децата, самохраните родители и пензионерите. Без таков пресврт, Македонија ќе продолжи да биде земја на евтин труд, сиромашни работници и изгубена иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Викенд исполнет со празнична магија на „Патека на радоста“ во општина Илинден
Плоштадот во населеното место Марино за време на викендот беше центар на празнична магија, радост и заедништво, каде голем број граѓани од сите возрасти уживаа во новогодишната магија на „Патека на радоста“, во организација на општествено одговорни компании и под покровителство на Илинден, извести Општината.

„Настанот изобилуваше со богата и разновидна програма, наменета за сите возрасти, но со посебен акцент на најмладите жители: детски анимации, музички и сценски настапи, театарски претстави, како и кловновски и магионичарски изведби, кои создадоа ведра атмосфера и донесоа бројни насмевки кај посетители. Голем интерес и радост кај децата предизвика и пристигнувањето на Дедо Мраз, кое дополнително придонесе во будење на празничниот дух“, велат од општина Илинден.

„Вечерните часови беа исполнети со музички настапи на познати и млади македонски изведувачи и ди-џеи, како Јанг Дади, Таско и Пајак, кои создадоа одлична атмосфера. Празничната декорација, внимателно осмислената програма и позитивната енергија ја направија „Патека на радоста“ место за веселба, дружба и празнично сплотување.

Преку ваквите настани, Општина Илинден ја демонстрира својата континуирана посветеност на иницијативи што ја зближуваат заедницата и го збогатуваат културно-забавниот живот, притоа давајќи поддршка на општествено одговорни компании кои со своето ангажирање значајно придонесуваат за развојот на локалната заедница“, соопшти општина Илинден.

Македонија
Усвоени измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, Андоновски: Обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право
Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации, со што се прави дополнителен исчекор во спроведувањето на Реформската агенда и во целосното усогласување на националната регулаторна рамка со правото на Европската Унија во областа на електронските комуникации.
Европската Унија, преку визијата за „Дигиталната декада 2030“, постави цели за целосно дигитално поврзано општество, вклучително гигабитна инфраструктура и 5G покриеност за сите населени места. За земјите во процес на пристапување, меѓу кои и Македонија, ова бара континуирано регулаторно усогласување и создавање услови за значајни инвестиции во мрежи со многу висок капацитет.
Со овие измени се врши допрецизирање на одредби од Законот, согласно укажувањата и коментарите добиени во процесот на усогласување, со цел да се надминат идентификуваните „хармонизациски празнини“ и да се обезбеди постабилна, попредвидлива и европски компатибилна рамка за развој на секторот, извести Министерството за дигитална трансформација.
Измените и дополнувањата овозможуваат: побрза и поефикасна изградба на дигитална инфраструктура, преку рационализирање и дигитализација на административните постапки поврзани со распоредување мрежи; услови за поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи, оптичка инфраструктура, 5G и нови технологии; поголема конкуренција на пазарот и поквалитетни услуги за граѓаните и компаниите; мерки што го поттикнуваат споделувањето на постојната физичка инфраструктура, координацијата на градежни работи и намалување на трошоците при изградба на мрежи;
подобрување на заштитата на корисниците и современи регулаторни практики во согласност со европските директиви и регулативи.
Ова е предуслов за понатамошен развој на е-услуги, зајакнување на дигиталната економија и рамномерен регионален развој, преку еднакви можности за квалитетна поврзаност во сите региони.
„Електронските комуникации се темелот на современата дигитална држава. Со овие измени обезбедуваме јасни правила, поголема правна сигурност и целосно усогласување со европското право. Тоа значи побрза изградба на инфраструктура, поголеми инвестиции во широкопојасни мрежи и 5G, повеќе конкуренција и подобри услуги за граѓаните и стопанството. Дигиталната инфраструктура не треба да биде предмет на дневна политика, туку заедничка обврска кон иднината на Македонија“, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со реформите во секторот, во тесна координација со надлежните институции и засегнатите страни, со цел Македонија да гради стабилен, конкурентен и современ дигитален екосистем согласно европските стандарди, се додава во соопштението.

