Македонија
Иванов: Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата
Неопходно е да изградиме доверба во нашата држава, да градиме чувство за државен интерес и Македонија да ни биде пред сè, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија, коментирајќи ја актуелна политичка криза.
„Наместо во овие 25 години да се ослободиме од тие погубни поделби, ние уште повеќе ги негуваме и го продлабочуваме јазот меѓу нас. Како? Со неодговорно однесување. Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата. Кризата како да стана наше секојдневие. Се дозволи странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас. Се дозволи други да ни го моделираат политичкиот и правниот систем. Се дозволи личниот и партискиот да бидат над државниот интерес“, констатираше претседателот Иванов во својот говор. Истовремено, според македонскиот претседател, сведоци сме на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи, како што рече Иванов, сега и со информацијата се манипулира. „Тоа раѓа сомнеж кој е речиси сеприсутен. Некој луцидно рекол дека ниту минатото веќе не е она што беше. Сега речиси сè се доведува во прашање, вклучително и довербата во државата. А цената на губењето на таа доверба е превисока“, рече претседателот Иванов. „Во овој напнат амбиент како да забораваме дека го имаме она што многу народи сè уште го немаат – сопствена држава. Многу народи го посакуваат она што ние го имаме, но не го почитуваме и го земаме здраво за готово. Тешко е да се стекне, но уште потешко е да се сочува државата. Милионите мигранти упатени кон Европа се јасно потсетување за оваа вистина. Затоа, неопходно е да изградиме доверба во нашата држава. Да градиме чувство за државен интерес. Македонија да ни биде пред сè“, рече претседателот Иванов. Во изминативе 25 години, рече македонскиот претседател, имавме сосема доволно време да расчистиме со старите догми и претстави за Македонија, кои се создавани за нечии други и туѓи интереси и имавме доволно време да свртиме нова страница и да ги напуштиме погубните поделби. „Имаме многу кратко време, до крајот на оваа година, да го поправиме впечатокот што идните генерации ќе го имаат за нашата генерација, читајќи ги записите што ќе ги оставиме зад нас, во aрхивите. Затоа, пред секој збор што ќе го изговориме, пред секоја одлука што ќе ја донесеме, треба добро да размислиме и да се прашаме: Како сè уште неродените ќе гледаат на нашата генерација? Што нашите потомци ќе мислат за нашиот четврт век независност? Со каква содржина ја испишуваме нашата страница од современата македонска историја? И дали се водиме од желба за лична слава и политички рејтинг или од чувство на одговорност кон оваа и идните генерации?“ рече претседателот Иванов, на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија. /крај/со/ст
Извор: Претседател на РМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

