Македонија
Иванов: Размената на информации со партнерските служби не даде резултат
За конкретната терористичка група којашто беше елиминирана во Куманово уште од почетокот на 2015 година писмено биле информирани 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот, но тоа останало без одговор, посочи македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во дел од своето обраќање по завршувањето на седницата на Советот за безбедност во проширен состав во неделата навечер посветен на полициската акција во кумановска дива населба од саботата во која загинаа 8 полицајци и 14 напаѓачи.
„Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат“, посочи Иванов и додаде дека на Република Македонија овие два дена ѝ се случуваше она на што предупредуваше уше пред неколку месеци, во обраќањето во Советот за безбедност во Обединетите нации.
„Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини. Во ниеден момент и на ниеден начин не ги потценивме, ниту можноста, ниту намерата и капацитетите на оваа група да извршат терористички напади. Затоа беше со толкав обем и акцијата за нивно неутрализирање. Затоа, за жал, плативме висока цена со човечки животи“, рече пред тоа Иванов.
Истакна дека со акцијата е спречена намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата, кои имале цел да предизвикуваат сериозна дестабилизација, хаос и страв.
„Со преземената акција полицијата имаше за цел да спречи и цивилни жртви. Заради ова, беа претрпени човечки и материјални загуби“, рече шефот на државата.
За заклучоците од Советот за безбедност јавноста ќе биде дополнително информирана. Сите надлежни институции од сферата на безбедноста имаа конкретни насоки за соодветно постапување во рамките на нивните законски надлежности./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

