Македонија
Иванов се сретна со Стропницки, разменија искуства во справување со заканите
Претседателот, Ѓорге Иванов во среда го прими Мартин Стропницки, министер за одбрана на Чешката Република, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Чешката Република, при што го нагласи континуираниот политички дијалог и плодната соработка во сите сфери од заемен интерес. Македонскиот претседател беше информиран за предлозите за развој на меѓусебната воена соработка и размена на искуство во справување со заканите. Во тој контекст, претседателот Иванов ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка помеѓу двете земји. Во однос на македонските стратешки цели, членствата во НАТО и во Европската Унија, македонскиот претседател го истакна значењето на досегашната отворена и принципиелна поддршка која нашата држава ги добива од Чешката Република, и изрази очекување дека истата ќе продолжи и во иднина. Претседателот Иванов и министерот Стропницки разменија мислења и информации околу развојот и актуелните случувања во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за предизвиците поврзани со безбедноста и сигурноста. Македонскиот претседател се заблагодари за целокупната поддршка и помош која Чешката Република и ја дава на нашата држава во справувањето со мигрантската криза, преку присуство на сили и опрема, со цел поефикасна заштита и надзор на границата и намалување на безбедносните ризици во подрачјето зафатено со криза. Претседателот Иванов истакна дека во интерес на идната рамка за Европската безбедност е потребна ревизија на законите за идната улога на Армиите во поддршка на цивилните авторитети во справување со мигрантската криза, во заштитата на границите, контратероризмот и природни непогоди и несреќи. Двајцата соговорници се согласија дека од заеднички интерес е интензивирањето на соработката помеѓу двете армии и безбедносните служби, и воспоставување на поголема динамика во областа на одбраната преку размена на искуства и иницијативи и реализација на заеднички воени вежби и учества во мировни мисии./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.

