Македонија
Ивановски го врачи Сертификатот за информациски системи на ФЗОМ
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во вторник на директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова, и го врачи Сертификатот за функционалност на информацискиот систем, што претставува чекор напред во модернизацијата и надградбата на целокупниот систем на институцијата.
„Фондот за здравствено осигурување е четвртата институција која се здобива со сертификатот, после Царинската Управа, Народната Банка на Република Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој“, рече министерот Ивановски.
Тој напомена дека Сертификатот го користат органите на државната управа при комуникација и размена на податоци и документи по електронски пат.
„Согласно Законот за електронско управување, за да можат два информациски системи да разменуваат податоци и документи во рамки на управна постапка, истите треба да бидат сертифицирани од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, со цел размената да биде официјална. Со воведување на стандарди во оваа област, кои треба да бидат едноставни за практикување, институциите се подготвени да разменуваат информации меѓу себе, да го надградат системот за интероперабилност, а со тоа и граѓаните да добиваат информации на еден шалтер“, додаде Ивановски.
„Секторот информатика на ФЗОМ, до сега има изработено 18 процедури, меѓу кои се и Политика за сигурност на ИТ системот, Политика за приватност, со кои се покриваат сите безбедносни аспекти на фукнционирањето на ИТ системот на ФондотОна на што сме особено горди како институција која го добива овој сертификат, е дека проектот целосно го завршивме со сопствени ресурси, за разлика од останатите институции кои имаа ангажирано надворешни консултантски куќи“, истакна директорката Парнарџиева-Змејкова.
Фондот за здравствено осигурување е државна институција која има една од најголемите бази на податоци, кои се заштитени според највисоки стандарди, од ниво на пристап до информации, до следење и строга контрола на информациската безбедност, како и заштита од ризици.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

