Македонија
Јанкулоска: Лажните патриоти се кривично гонети
Обид за напад и обид да биде заложена иднината на Македонија има денес, речиси петнаесет години по конфликтот од 2001 година, смета министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Лица кои се осомничени за шпионажа не се и никогаш нема да бидат патриоти. Лажните патриоти се откриени и се кривично гонети, а еден од нив веќе е осуден“, рече Јанкулоска која во петокот присуствуваше на одбележувањето на 34-годишнината од постоењето на Единицата за специјални задачи во МВР во касарната „Илинден“ во скопски Ѓорче Петров.
Според министерката, „Тигрите“ (специјалната единици на МВР) имаат респектабилна историја и секогаш мора да бидат на врвот, а се дел и од оние кои беа на браникот на татковината и во 2001 година.
„Бевте на браникот на татковината кога нашата земја беше соочена со најголемата закана. Тогаш во крвавиот судир во кој беа изгубени бројни животи, претходеше еден обид за разорување на државните институции. Тогаш, слично како и сега, беше обелоденета една афера за прислушување. Петнаесетина години подоцна Република Македонија е повторно соочена со обид за напад врз институциите. Повторно се соочуваме со обид да биде заложена иднината на Македонија за нечиј политички интерес. Се обидуваат да нé убедат дека овој најсрамен криминален акт бил дело на некакви патриоти. Осомничени за шпионажа, незаконско прислушување и соработка со странски служби не се и никогаш нема да бидат патриоти. Тогаш аферата заврши без кривична одговорност, но сега Македонија е посилна и покажува дека има капацитет“, рече Јанкулоска.
Командантот на единицата Славчо Петрушевски нагласи дека ЕСЗ секогаш е во чекор со трендот на најелитните единици./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

