Македонија
Јанкулоска: Со Законот за оружје не е опфатено службеното оружје
Во случајот со тројното убиство во Злетово се користеше службено оружје, а со Законот за оружје беше опфатено само приватното оружје, изјави Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која најави построга регулатива за вработените во институциите кои ракуваат со оружје.
„Во конкретниот случај потребно е да се направи дистинкција, затоа што кривичното дело односно убиството е сторено со службено оружје. Тоа значи дека службеното оружје не потпаѓа под законот за оружје. Службеното оружје има целосно поинаков режим на ракување, од оружјето кое потпаѓа под Законот за оружје или популарно кажано приватното оружје. Токму тоа е оној сегмент којшто ние би сакале да го зајакнеме односно регулативата што се однесува на сите органи или институции каде што вработените ракуваат со оружје да биде построга и попрецизна“, рече Министерката.Министерката не одговори директно на прашањето дали Министерството за внатрешни работи доставило информација до Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ дека нивен вработен бил пријавуван за семејно насилство, по тројното убиство што се случи во Злетово кога професионален војник кој претходно бил пријавуван за насилство, со службената пушка ги уби родителите на сопругата и уште еден жител на селото. За одговор на ова прашање упати во судот и Јавното обвинителство.„Ќе мора да се обратите до судот и обвинителот, бидејќи за судските постапки постапува судот, а по однос на кривичните пријави овластен е јавниот обвинител“, изјави Јанкулоска.Владата во средата најави нова, построга регулатива за вработените во институциите кои ракуваат со оружје, којашто ќе предвидува одземање на оружјето на сите насилници. Министерката вели дека сите мерки што би се презеле не би го дале посакуваниот резултат, доколку целото општество не се вклучи во една поширока општествена кампања.„Во делот на располагањето и ракувањето со оружје владата веќе најави една нова иницијатива по однос на која ние постапуваме и очекувам сите институции каде вработените ракуваат со оружје, а ги има повеќе во државава, да ги изанализираат интерните прописи и процедури, регулативата која ја регулира нивната работа и да се предложат решенија кои ќе значат дополнителна превентивна активност. Сепак, би потенцирала дека сите овие мерки не би го дале целокупниот резултат доколку целото општество не се вклучи во една поширока општествена кампања за нетолеранција на насилството од каков и да е вид“, рече Јанкулоска.
Taa ја објасни регулативата што се користи при вакви ситуации во Министерството за внатрешни работи.
„Доколку наш вработен стори кривично дело со елементи на насилство или добиеме информации дека наш вработен поради кои и да се околности во неговиот приватен живот, постои можност да стори кривично дело со елементи на насилство, поради условно речено нарушени односи во семејството, консумирање алкохол или слично, тогаш вработениот подложи на дисциплински мерки кои подразбираат негова суспензија и раздолжување со неговата лична опрема и разоружување што значи дека вработениот не ракува со оружје до завршувањето на таа постапка“, нагласи Јанкулоска.
Тројното убиство во Злетово беше второ по ред овој месец. На 9-ти ноември во Кавадарци, поранешен припадник на резервниот состав на безбедносните сили во конфликтот на 2001 конфликтот, со оружје кое го поседуваше со дозвола ги уби родителите и сестрата на својата поранешна сопруга./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.
Македонија
Белоглави мршојадци од Шпанија ќе бидат донесени во Македонија – нов проект на МЕД за зачувување на нивната популација
Во текот на следните шест години, Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата LIFE, чијашто цел е да се зголеми популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија и со тоа да се придонесе кон зајакнување на целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.

Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај МЕД, ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
„Сè до средината на дваесеттиот век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, е доведен до работ на изумирање. Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес, овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, заради што и ќе биде во фокус на проектните активности“, велат од МЕД.

Од таму појаснуваат дека зајакнувањето на постојните популации кај нас ќе се направи преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, на овие птици ќе им бидат поставени ГПС-предаватели.
Сеопфатниот пристап кон подобрување на животните услови за белоглавиот мршојадец ќе вклучи и активности за поефективно спроведување на законите заради намалување на смртноста на птиците од труење, како и воведување на системи за рано предупредување базирани врз ГПС-мониторинг. Исто така, ќе се зајакнуваат националните капацитети за рехабилитација на диви животни и ќе се зголемува достапноста на храна преку поставување дополнителни станици за исхрана. На овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на полуостровот, со што значително ќе се зголемат и шансите за нивно преживување и опстанок.
Од МЕД велат дека голема улога во зачувувањето на мршојадците имаат и локалните заедници со кои овие птици се силно поврзани. Токму затоа, преку проектот ќе се поддржи и традиционалното сточарство кое исто така е извор на храна за овие птици, и ќе се подига свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија. На овој начин, велат од МЕД, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.

