Македонија
Јанкулоска:Спокојна сум, немам направено кривично дело
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по тричасовниот распит во Основниот суд Скопје 1 – Скопје за случајот „Тврдина“ изјави дека е сосема спокојна и дека не направила ниедно кривично дело.
Јанкулоска не одговори конкретно на новинарските прашања за прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, ниту конкретно за уништувањето на опремата за прислушување во времето додека таа беше министерка за внатрешни работи, случај за кој во четврток беше на распит во судот.
Специјалното јавно обвинителство за овој случај бара да ѝ се определат мерки за претпазливост на Јанкулоска, како и на уште тројца осомничени, а за првоосомничениот, началникот на Петтата управа Горан Грујевски, кој треба да се појави на распит во судот во 14 часот, СЈО бара притвор. Јанкулоска, како и минатиот пат, повтори дека не се чувствува виновна и го обвини СЈО дека води политичка пресметка во име на опозициската СДСМ, со нивните неистомисленици на коишто им се ставаат на товар конструирани случаи. Според Јанкулоска, фактот што денеска обвинителите од СЈО побарале изземање на судијката од овој случај, поради наводни политички причини, е потврда дека ова обвинителство работи под диктат на СДСМ за здобивање политички поени во јавноста.Таа изјави дека за тврдењата на СЈО нема никакви докази и дека сите обвинувања се политичка конструкција, а не правна аргументација.
„Апсолутно, СЈО не понуди никакви докази, бидејќи не постои никакво дело. Од она што го слушнав, не постојат никакви аргументи, ниту да се бараат, ниту да се определат мерки за претпазливост, дотолку повеќе што нивниот аргумент е дека постои опасност од бегство и да се обезбеди присуство. Но, јас, како што видовте, бев тука и минатиот пат, тука сум и сега, и повторно ќе дојдам кога ќе ме повика Судот кој ја води постапката “, рече Јанкулоска.
За уништувањето на опремата Јанкулоска не одговори конкретно, туку рече дека управувањето со таа опрема биле оперативно-техничко и тактички активности, кои ги воделе професионални лица и, според неа, би било неумесно таа да го коментира тоа од сегашна позиција, иако таа беше одговорен министер во тоа време.
„Би било неупатно јас, како поранешен политички функционер, поранешен министер, да се впуштам во дискусија и да импровизирам одговор. Ваквите дејствија ги преземале професионални лица во Управата за безбедност и контраразузнавање “, рече Јанкулоска и додаде таа била потпишана на поединечен акт со кој им дала овластување на одредени лица да постапуваат во согласност со законот.Прислушуваните разговори коишто ги објави опзоицијата, а на кои се слуша какао Јанкулоска вели дека Министерството за внатрешни работи функционирало како штаб на ВМРО-ДПМНЕ, според Јанкулоска се сечени, монтирани и ставени во контекст којшто му одговара на лидерот на опозицијата, Зоран Заев.„Изминатите девет години работев совесно и чесно според законите. Сосема сум спокојна и немам направено никакво кривично дело. Но, народот е мудар и знае кој што сработил“, рече Јанкулоска.
Распитот за овој случај продолжува и се очекува одлуката на судијата, односно дали ќе се одредат мерки за претпазливост за Јанкулоска или притвор за Грујевски.
Кривичниот совет минатата недела ги укина решенијата на судијата на претходна постапка кој ги оцени како неосновани предлозите на СЈО за определување на мерка притвор за началникот на Петтата управа, Горан Грујевски, и мерките за претпазливост за останатите четворица осомничени и дополнително ја оспори надлежноста на Специјалното јавно обвинителство за предметот за уништувањето на опремата за прислушување.
Грујевски, пред одлуката за аболиција од страна на Претседателот Ѓорге Иванов, помина неколку дена во притвор, но потоа ова мерка му беше заменета со куќен притвор. По одлуката за аболиција тој беше ослободен, но по поништувањето на истата случајот „Тврдина“ повторно влезе во судска процедура./крај/мф/ффс /крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

