Македонија
Јавна седница за оценка на обвинението за „Дива населба“

Во понеделник ќе се одржи јавна седница на Советот за оценка на обвинителен акт на скопскиот Кривичен суд за случајот „Куманово“ , односно за мајските инциденти во кумановската „Дива населба“.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвинение против 29 лица. Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” од чл. 394 – а и „Тероризам” од чл. 394 -б од Кривичниот законик. Во престрелките во Куманово кои траеја два дена загинаа осум припадници на македонската полиција, десет припадници на вооружената група, а потоа беа уапсени околу 30-тина лица под сомнение дека се дел од вооружената група./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Пет дена молк од ДУИ за релациите на Бујар Османи со Белград“, велат од „Влен“

„Поминаа пет дена од јавно поставените прашања до Демократската унија за интеграција, а тие сè уште молчат. Ниту еден збор, ниту еден демант, ниту еден одговор. Пет дена ДУИ молчи колку и какви средби имал Бујар Османи со претставници на српските власти“, велат од „Влен“.
„Пет дена ДУИ молчи колку пати Бујар Османи бил приватно во Србија, без да ја информира јавноста?
Зошто толку тишина од една партија која тврди дека е „заштитник“ на евроатлантскиот курс и интересите на Албанците? Дали овој молк не е всушност потврда за сè што беше кажано?
Го прашуваме јавно Бујар Османи: Дали веќе започнал да соработува со ПР-стратезите на Александар Вучиќ? Дали ќе ја продолжи соработката со ПР-стратезите на Вучиќ што ја имаше претходната Влада на СДСМ и ДУИ? Дали Бујар Османи ќе ја добие поддршката од Белград како што ја добиваше и до сега? Дали зад сцената и понатаму се градат сојузи со Белград, додека на јавна сцена се симулира „патриотизам“?
Вистината не може да се скрие: ДУИ водеше дипломатија со Белград, не со Приштина. ДУИ се сликаше со Вучиќ, не со Курти.
Време е за одговори. Време е за транспарентност. Албанците не заслужуваат да бидат водени од луѓе кои градат тајни врски со центри на моќ што ги игнорираат нашите национални интереси.
ДУИ, не можете да се криете зад празни фрази. Народот веќе знае дека зад вратата на „европска дипломатија“ се кријат состаноци што мирисаат на „српски свет“. И тоа нема да го дозволиме!“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
ДОМ: Со една рака делат милиони за невладините, со друга ги блокираат граѓаните во нивната независна политичка вклученост!

„Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро се спротивставува на сè поопасната пракса на владејачкото мнозинство но и на опозицијата (партиите-коалиционери од поранешната влада), кои со едната рака доделуваат милиони евра за невладини организации, а со другата рака ги блокираат демократските механизми што би им овозможиле на граѓаните реално политичко учество. Со усвојувањето на Ребалансот на Буџетот за 2025 година, беа зголемени трансферите кон невладиниот сектор од 26,7 на 34,4 милиони евра, а во исто време нема никаква политичка волја за измена на Изборниот законик што би овозможил учество на независни кандидати на претстојните локални избори“, велат од ДОМ.
„Поддршката за граѓанските организации е важна и потребна, но добива сенка на партиска инструментализација кога се користи како параван за прикривање на партиципативната демократија. Во исто време кога се зголемуваат средствата за невладиниот сектор, граѓаните и граѓанките системски се блокирани да учествуваат како независни политички субјекти. Згора на тоа: кои се механизмите за надзор над потенцијалната злоупотреба на овие средства зголемени за 30% на три (3) недели пред објавувањето на локалните избори? Дали веќе се знае кои невладини (нечии миленици) ќе ги добијат тие средства?
Зелената партија ДОМ остро се спротивставува на оваа пракса, каде со една рака се делат милиони, а со другата се бришат граѓаните од картата на политичка партиципација.
ДОМ уште еднаш упатува јавно барање веднаш да се отпочне постапка за измена на Изборниот законик и да се обезбеди еднаква, фер и демократска можност за учество на независни и граѓански листи на локалните избори во 2025 година. И да не се лажеме: партиските мастадонти ќе си формираат свои прокси политички субјекти воочи локалните избори и ќе си „туркаат“ со своите миленици – и од тие причини веќе знаеме кој ќе биде одговорот на нашето барање…за жал!“, соопшти ДОМ.
Македонија
Без струја дел од општина Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата 2 во село Бардовци, општина Карпош.