Македонија
Јолевски-Бартелс: Македонските војници се високо обучени професионалци
Република Македонија и НАТО се партнери и соработници во етаблирањето на мирот, просперитетот и демократијата во светски рамки, а припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) кои беа и се дел од мисиите на Алијансата, особено во мисијата во ИСАФ се врвни професионалци кои ги извршуваат зададените задачи вешто и умешно, заклучија во четвртокот макефонскиот министер за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генералот Кнуд Бартелс на средбата во ешната средба во Министерството за одбрана.
На средбата, министерот Јолевски истакна дека Република Македонија и НАТО-алијансата ги споделуваат истите вредности и дека имајќи ја предвид нашата заложба за придонес во меѓународните мировни мисии, АРМ ќе продолжи да учествува во новата мисија на Алијансата во Авганистан „Одлучна поддршка“.
„Учеството во меѓународни мировни мисии, а уште повеќе и стратегиската определба на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, за која има целосен политички консензус и висока поддршка од страна на граѓаните на Република Македонија, покажува дека нашата определба се просперитетот, но и мирот и демократијата како највисоки цивилизациски вредности“, додаде министерот Јолевски.
Македонскиот министер за одбрана притоа посочи дека реформските зафати во рамките на Армијата и на Министерството се реализираат во континуитет, како и дека дел од нив е и унапредувањето на процесот на образование и едукација за припадниците на АРМ.
„Преку развојот на Воената академија, ние инвестираме во образованието за кадрите коишто ќе бидат идните офицери на Армијата на Република Македонија, што е многу значајно“, истакна министерот Јолевски додавајќи дека еден од приоритетите за иден развој, е и процесот на модернизација на Армијата.
Генералот Бартелс, од своја страна, осврнувајќи се на учеството на припадниците на АРМ во мировни мисии предводени од Алијансата, истакна дека станува збор за врвни професионалци, факт кој е познат кај партнерите и во НАТО.
„Ви благодариме за досегашното учество во мисиите на Алијансата и ја цениме вашата поддршка за идната мисија на НАТО во Авганистан“, рече генералот Бартелс на средбата со министерот Јолевски.
Во рамките на неколкудневната посета на Република Македонија, генералот Бартелс оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, а во текот на денешниот ден ќе има и предавање пред питомците на Воената академија. Воедно, генералот Бартелс, во текот на утрешниот ден ќе оствари и средби со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како и со министерот за надворешни работи Никола Поповски./крај./мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ го чистат Скопје од снегот
ЈП „Комунална хигиена Скопје“ спроведува активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот, соопштија од претпријатието.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија.

Екипите на Претпријатието го расчистуваа реонот и околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Спроведени се и активности за фрлање сол на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
„ЈП ‘Комунална хигиена-Скопје’ ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот во текот на денов и претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“, се наведува во соопштението.
Македонија
Изминатите два дена 1026 сообраќајни прекршоци, уапсени пет лица за безобѕирно управување на возило
Изминатите два дена како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1026 издадени платни налози, 150 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле пет лица, сите за возење под дејство на алкохол.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатите два дена евидентирани се 199 прекршоци за неправилно паркирање, 116 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 16 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле тројца возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 33 пешаци. Исто така санкционирани се 93 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 15 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а шест заради техничка неисправност. Санкционирани се и шест возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
Укината забраната за камиони на патот Струга – ГП Ќафасан
Во 10:45 часот на патниот правец А2 Струга – ГП Ќафасан се прекинува забраната за движење на тешки товарни возила, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила утрово се воведени на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.

