Македонија
Јолевски: Најголем процес на модернизација на АРМ, согласно стандардите на НАТО
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, во средата во Домот на АРМ оствари работен ручек со дел од поранешните министри за одбрана, на која ги информираше за активностите на Министерството во 2016-та година, како и степенот на реализација на проектите чија основна цел е унапредување на стандардот на припадниците на АРМ.
Во таа насока, министерот се задржа на процесот на модернизација на Армијата, планираните набавки како и потребната опрема, која, посочи, е согласно сите стандарди на НАТО-алијансата. Министерот додаде дека станува збор за најголемиот процес за модернизација досега и дека тоа во голема мера ќе влијае на опременоста и интероперабилноста на Армијата со армиите на земјите-членки на НАТО.
Македонија работи напорно на исполнување на стратегиската цел – членство во НАТО. Воедно, продолжуваме и со придонесот кон глобалниот мир и безбедност, преку континуираното учество во мировните мисии предводени од НАТО, Обединетите Нации и Европската унија.
Министерот додаде дека Македонија е исклучително активна на регионално ниво, а пример за тоа е фактот дека оваа година Скопје и Македонија станаа постојано седиште на Балканските медицински наменски сили, во периодот од 2020-2026 година ќе бидат домаќини на Бригадата на Југоисточна Европа, а во текот на 2017 година во Македонија ќе се организираат конференциите на министрите за одбрана и на началниците на Генералштаб на земјите-членки на САД-Јадранската повелба.
На средбата Јолевски и поранешните министри за одбрана разговараа и за геополитичките поместувања во регионот и во Европа, а разменија и искуства и ставови во однос на развојот и реформите во одбраната во наредната, 2017-та година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Лиценцата за „4iG“ не е само бизнис потег, тоа е дел од поширок политички план
Од СДСМ велат дека со длабока загриженост ги следи најновите случувања во телекомуникацискиот сектор во нашата земја, кои, според партијата, откриваат ланец на влијание што се протега од Будимпешта преку Белград до Скопје.
„Одлуката на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да додели трета лиценца за мобилен оператор на унгарската компанија „4iG“, не е само бизнис потег, тоа е дел од поширок политички план што ја загрозува независноста на нашата држава и слободата на медиумите. Оваа компанија, која е единствениот понудувач на тендерот и која ќе плати 8 милиони евра за фреквенции, сега има право да изгради и управува со самостојна 5Г мрежа. Компанијата „4iG“ не е обичен играч на пазарот, таа е длабоко поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека сопственикот и претседателот на „4iG“, Гелерт Јасаи, е близок сојузник на Орбан, а компанијата станала „национален шампион“ во Унгарија благодарение на масивната државна поддршка, вклучувајќи тајни инвестиции од над 189 милиони евра и олеснувања во регулаторните процедури.
„Орбан лично интервенираше во аквизициите на „4iG“, намалувајќи го влијанието на странските компании и зголемувајќи ја контролата врз информационите мрежи. Овој потег во Северна Македонија само го потврдува Орбановиот план да го прошири своето влијание на Балканот. Ова не е изненадување, имајќи предвид дека Христијан Мицкоски јавно изјави дека Орбан е негов близок пријател. Владата на Мицкоски во 2024 година го најави тендерот за трет оператор, а сега ги гледаме плодовите на таа „пријателска“ соработка. Оваа врска го објаснува и пошироката оска Орбан-Вучиќ-Мицкоски. Тоа е затворен круг што, покрај бизнисите во телекомуникациите и енергетиката, вклучува и контрола врз медиумите“, велат од СДСМ.
Македонија
Деспотовски: Доста ни е од лагите на сегашното раководство на СДСМ, барам јавно извинување
Јован Деспотовски побара јавно озвинување од СДСМ за упатените навреди кон него и вели дека единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата.
„Мене но и на секој социјалдемократ кој се вградил во темелите на најстарата партија во Македонија, ни е доста од лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ. Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функциониери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв“, вели Деспотовски.
Според него, никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата.
„Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните. Ова што се случува одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата. Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Партија што низ децениите ја градеа илјадници другари, кои сигурно не сонувале дека нашата СДСМ ќе води дневна борба со медиуми и медиумски работници“, вели Деспотовски.
Тој додава дека отворањето на внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување.
Деспотовски, исто така, побара и јавно извинување од СДСМ.
„Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ“, вели Деспотовски и додава дека никој нема право со валкани игри да руши нешто што е создавано со жртва, верба и идеали.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во декември лани побара исклучување на Деспотовски од партијата, обвинувајќи го за дејствување против интересите на СДСМ и за, како што наведуваат, соработка со политички структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Македонија
Министерот Сали на Самитот во Давос
Првиот заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на Самитот во Давос и на Средбата на лидерите 2026, значајна платформа за дијалог и глобална соработка.
Тој учествуваше на два тематски панела: „Клима, конфликти и грижа“, каде беше нагласена важноста на дијалогот и регионалната и меѓународната соработка; и „Балканот – историја, стабилност и иднина“, каде се дискутираа регионалните предизвици, европската интеграција и економскиот развој како столбови за мир и долгорочна стабилност.
За време на својот престој, Сали оствари средби со политички претставници, бизнис-лидери и медиумски куќи од целиот свет, при што дискутираа за можности за соработка, партнерства и за политичките и економските развојни перспективи на регионот, со посебен фокус на Северна Македонија.

