Македонија
Јолевски: Остануваме посветени на интеграцијата во ЕУ и НАТО
Република Македонија ќе остане цврсто посветена на нашите стратешки цели – интеграцијата во НАТО и Европската Унија, а реформите кои ги правиме во безбедносниот сектор се првенствено за нас, за да имаме посилно општество, посилна одбрана и армија, реформи кои паралелно нè приближуваат и до НАТО и Европската Унија.
Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на денешната конфереција во Министерството за надворешни работи на тема „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици во Европа и Западен Балкан и начини на справување“, а во организација на Секретаријатот за европски прашања.Во своето обраќање министерот Јолевски посочи дека Република Македонија даде свој сериозен придонес во надминувањето на предизвиците предизвикани од мигрантската криза со кои се соочува целиот континент. „Минатиот период видовме дека е многу значајно Европа да има заедничка, сеопфатна стратегија како да се соочи со предизвиците од мигрантската криза, која беше закана за европската безбедност“, додаде министерот.На конференцијата, министерот Јолевски се задржа и на стратегиските цели на Република Македонија – членството во НАТО и во Европската Унија, како и на придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии. „Интеграцијата на земјите од регионот во НАТО и ЕУ е значајна, особено поради потребата да се размислува стратешки. Поканата за Црна Гора е голем плус за регионот, а треба да се размислува и за Босна и Херцеговина“, рече министерот. Тој посочи дека кога зборуваме за реформските процеси, треба да знаеме дека тие се добри за нас, а и за нашите аспирации за членство во евроатлантските структури. Во однос на меѓународните мировни мисии, министерот посочи дека Македонија продолжува да придонесува во НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во ЕУ операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина. Ние во овие меѓународни мисии, порача министерот, даваме придонес кон напорите на меѓународната заедница за заштита на светскиот мир и безбедност, но воедно нашите војници и офицери стекнуваат огромно искуство. „Тоа најдобро се покажа минатото лето кога со прогласувањето на кризната состојба, припадниците на АРМ беа поставени на јужната граница. Имено, претставниците на меѓународната заедница, Високиот комесаријат за бегалци и други организации со највисоки оценки зборуваа за начинот на кој Армијата реагираше и се постави“, рече министерот и додаде дека тоа е така токму затоа што голем дел од војниците дејствувале во културна средина и опкружување од каде доаѓаат овие мигранти.Конференцијата на која учествуваа и министрите за надворешни и внатрешни работи, Никола Поповски и Оливер Спасовски, се организира во рамките на проектот „Одржлив систем за ЕУ обуки“, имплементиран од Секретаријатот за европски прашања од Република Македонија и од Кралството Норвешка. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

