Македонија
Kорупцијата убива, Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата бара отчетна истрага за трагедијата во Кочани

Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата изразува длабоко сочувство за трагично загинатите граѓани во пожарот во дискотеката во Кочани и изразува желби за побрзо закрепнување на повредените.
„Пожарот во Кочани е само последно во низата случувања што покажуваат дека корупцијата убива. За жал, по случајот во Ласкарци, случајот со ‘Беса транс’, пожарот во модуларната болница во Тетово, требаше да се случи и пожарот во импровизираната дискотека во Кочани за одново да се потсетуваме дека повеќедецениската системска корупцијата зема животи“.
Платформата, како што напоменуваат во соопштението, будно ги следи постапките во случајот со пожарот во Кочани и укажува дека тоа што сега најмалку треба да се обезбеди е сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага. Бараме истрагата да се води отчетно и транспарентно и за неа да известуваат оние што со закон се надлежни да го прават тоа.
„Во овој момент одговорноста е клучна и никој не треба да биде изземен од неа, без разлика дали и од која партија е, од која верска или етничка припадност е и дали е поранешен или сегашен функционер. Додека не создадеме систем во кој вистинските луѓе со интегритет ќе бидат на вистинските позиции, не треба да се откажеме.
Во досегашното еднодецениско постоење на Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата постојано реагираме и бараме промени во разни сегменти од системот, кои ако се прифатеа, ќе оневозможеа токму вакви случувања. Потребни се системски промени, кои ќе покажат дека постојат реална волја и заложба за бескомпромисна борба со корупцијата од сите фактори, а особено надлежните. За жал, праксата константно покажува дека желбата за лично богатење секогаш била над онаа за создавање систем во кој правилата и процедурите ќе се почитуваат еднакво од сите, на сите нивоа во општеството.
Имајќи ги предвид прогласените денови на жалост, Платформата засега ќе се воздржи од натамошни коментари за конкретниот случај, но најавуваме дека во текот на идната недела ќе организираме прес-конференција, на која ќе ги објавиме нашите конкретни барања, кои очекуваме да се спроведат од надлежните органи и тоа ќе го следиме за да почне колективна бескомпромисна борба против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По 150.000 денари итна помош за секој настрадан во пожарот во Кочани

За секој настрадан во пожарот во Кочани ќе биде доделена итна финансиска помош во износ од 150 илјади денари која ќе се реализира преку Црвениот крст. Одлуката на прес-конференција ја соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски.
Преку СОЗР и останатите надлежни институции, рече тој, се организира и целата неопходна логистика за сместување и транспорт на настраданите и нивните семејства.
Владата го плаќа престојот на најблиски на пациентите што се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството за секој повреден.
Како и претходно министерот Тимчо Муцунски, Томовски рече дека лекувањето на пациентите во странство е на трошок на државата домаќин, а патот, сместувањето и други трошоци за семејствата ги покрива на нашата Влада.
-Досега, 188 лица се згрижени и сместени. Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150.000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија, рече Томовски.
На прашањето кога и како семејствата ќе почнат да ја добиваат помошта од донации од сметката на Црвениот крст, на која досега се собрани 51 милион денари, Томовски одговори дека кон исплата ќе се пристапи од понеделник. Како што рече, се прават законски подготовки со оглед дека трансакциските сметки подлежат на заштита на лични податоци.
-Во моментов се собираат тие трансакциски сметки од лицата кои се во странство и нивните согласности, преку логистика на МНРНТ односно амбасадите и конзуларните претставништа, и од понеделник Црвениот крст ќе пристапи кон исплата на средствата, додаде директорот на СОЗР.
Македонија
Таравари: Шест пациенти од пожарот во Кочани се во многу критична состојба

Во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако во текот на вчерашниот ден на домашно лекување беа испратени 10 пациенти. Според информациите кои денеска ги соопшти министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, на Клинички центар се лекуваат 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11 пациенти, во Градска општа болница – 10 пациенти, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.
Министерот посочи дека надвор од државата се лекуваат вкупно 115 пациенти, од кои пет од нив се очекува идната недела да бидат вратени во земјава и, како што рече, по тријажата која ќе им биде направена ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување. Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба, но, како што рече „да бидеме резервирани за тоа дека можат да се случат компликации кои што не се предвидени“.
– Надвор од државата се лекуваат 115 пациенти. Добрата вест е што ако првата недела кажавме дека 20 се многу критични, по два дена 10 многу критични, денеска кажувам дека само шест се во многу критична состојба. Се надеваме дека таа бројка нема да се покачи со евентуални компликации кај другите пациенти. Некои од пациентите планираме веќе од другата недела да се вратат, тоа се пет од вкупно 115 пациенти. Ќе бидат прифатени прво во трите болници во Скопје, од кај што се испратени и по тријажата која ќе им биде направена ќе биде утврдено дали ќе бидат задржани или уште веднаш ќе може да се пуштат на домашно лекување, рече Таравари.
Од пациентите кои се во критична состојба, Таравари посочи дека двајца се лекуваат во Љубљана и четири пациенти во Воено-медицинската академија во Белград. Во врска со оние пациенти кои се очекува идната недела да се вратат во земјава, Таравари рече дека според информациите кои ги добиваат тие дури би можеле да се вратат со комерцијални летови.
– Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи кои што ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома. Според информациите кои што ги добиваме од овие болници, пациентите дури можат да се вратат со комерцијални летови, рече Таравари.
Прашан за какви повреди станува збор кај пациентите кои се лекуваат во земјава, Таравари рече дека генерално се работи за изгореници, кај дел од пациентите скршеници за кои бил потребен оперативен зафат, но и изгореници на слузокожата на дишните патишта.
– Генерално се изгореници, некаде имаме и скршеници кои што можеби ќе бидат задржани подолго и ќе треба да се оперираат. Изгореници на слузокожа на дишни патишта, токсичност… рече Таравари.
Македонија
12 осомничени за трагичниот настан во Кочани се во притвор во затворот во Куманово

Двајца поранешни градоначалници на Кочани се наоѓаат во казнено-поправната установа Затвор Куманово, информираа денеска надлежните од затворот.
Во моментот, во притвор во КПУ Затвор Куманово се наоѓаат дванаесет лица осомничени за трагичниот настан во Кочани. Помеѓу нив се и двајца поранешни градоначалници на Кочани, информираа од затворот.
Вчера, ЈОРСМ информираше дека Основното јавно обвинителство Кочани донело наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле-тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.