Македонија
Kомандирот и тројцата полицајци осомничени дека го овозможиле бегството на затвореникот осуден на над 20 години затвор
Командирот и тројцата полицајци вработени во КПУ „Идризово“ се осомничени дека му помогнале на Беким Мемети, осуден за обид за убиство и дрога да избега. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, тие не ги испочитувале процедурите за спровод на осуденикот. Се сомничат за дело за кое е предвидена казна од три до пет години затвор.
„Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа. Па така, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа“, велат од Обвинителството.
Затвореникот Беким Мемети се самоповредил. Командирот наредил спровод, а Мемети бил сместен да седи заедно со полицајците во комбето, иако тоа е спротивно на процедурите и правилата .
„Како што е веќе познато, осудениот Беким Мемети откако на ден 12.01.2023 година во ноќните часови се самоповредил, првоосомничениот – дежурен командир наредил кои затворски полицајци треба да го спроведат осуденикот во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот. Па така, надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото. Второосомничениот дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола. Третоосомничениот, кој патем бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе“, додаваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителката Лиле Стефанова предложила мерки на претпазливост, кои и биле прифатени, а поради опасност од бегство.
„Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените со решение им определи мерка притвор во траење од 8 дена, а на четвртоосомничениот му изрече мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница“, додаваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителството и натаму ги истражува причините и мотивите кои доведоа до бегството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

