Македонија
Ќе се кофинансираат приватни специјализации за 47 гинеколози
Министерството за здравство ќе распише трет оглас за кофинансирани приватни специјализациии, којшто ќе биде објавен во сабота за 47 матични гинеколози за цела држава, соопшти вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.
Според него, во голема мера пополнет е недостигот на гинеколози во клиниките и болниците, а сега има недостаток на матични гинеколози во државата. Специјализацијата ќе биде со процент на финансирање (90 отсто) што значи дека очекуваат сериозен интерес од страна на специјализантите, кои треба да платат 10 отсто од сумата на специјализацијата.Сите кои ќе се запишат на кофинансирана специјализација, информира Тодоров, по нејзиното завршување имаат загарантиран договор со ФЗОМ и приход загарантиран во износ од 1.000 поени еквивалентно на 1.000 пациенти во времетраење од три години. Посочи дека тоа помага на докторите со отворањето на гинеколошката ординација да немаат финансиски потешкотии во управувањето со неа, а бенефит е и рамномерната распределеност на гинеколозите на цела територија на држава.„Распишуваме оглас за кофинансирани специјализации и за места каде нема гинеколози и тоа: за Арачиново, Боговиње, Босилово, Брвеница, Василево, Врапчиште, Долнени, Желино, Јегуновце, Крушево, Липково, Чучер Сандево, Македонски Брод, Ново Село, Студеничани, Теарце, Чашка, Шуро Оризари, Демир Хисар, Демир Капија и Бутел“, истакна Тодоров.Во овие места покрај загарантираниот приход од ФЗОМ во висина од 1.000 пациенти, Министерството за здравство во посебна програма ќе обезбеди посебен дополнителен стимуланс во висина од 15.000 денари месечно, а идејата е да ги стимулираат докторите да се пријават за овие населени места.„Со оваа дополнителна стимулација од 15.000 денари ќе овозможиме околу 90.000 жени во овие региони да добијат матичен гинеколог во нивното место на живеење. Тоа е сериозен исчекор напред во овој правец и очекуваме доколку се јават заинтересирани лекари ова да биде едно сериозно системско решение и стратешки пристап на еден долгогодишен проблем кој се провлекува во здравствениот систем“, рече Тодоров.Ќе се објават и кофинансирани специјализации за населени места каде има мал број гинеколози: Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров итн.„Со овој оглас опфаќаме уште една значајна специјалност, а тоа е медицинска нуклеарна физика. За таа цел, доделуваме 4 кофинансирани специјализации за медицинска нуклеарна физика, за следните јавни здравствени установи: ГОБ „8 Септември“, Клиничка болница Штип, Клиничка болница Битола, и Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија“, нагласи Тодоров и додаде дека и тоа е дефицитарна струка и има недостиг од специјалисти и затоа сакаат постепено да го зголемуваат бројот и во овој сегмент.Новиот трет оглас за кофинансирани приватни специјализации за нови 47 гинеколози ќе биде објавен на веб страницата на Министерството за здравство./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.
Македонија
Минчев – Рокас: Остануваме доследни во заложбата за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија, посветена на тековните реформски процеси во јавната администрација и нивното понатамошно усогласување со европските стандарди и принципи на добро управување.
Во рамки на разговорите беа разгледани повеќе системски закони од клучно значење за функционирањето на администрацијата: Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, со осврт на доставените мислења и препораки од СИГМА, Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Законот за Влада.
На средбата беа разменети ставови околу потребата од јасна, предвидлива и долгорочно одржлива нормативна рамка што ќе обезбеди професионализација, стабилност и институционална одговорност.
Посебен акцент беше ставен на јакнењето на мерит-системот, транспарентноста и отчетноста во институциите, како и на значењето на експертската поддршка во процесот на креирање квалитетни законски решенија.
Министерот Минчев ја нагласи определбата за континуиран и конструктивен дијалог со Европската Унија во насока на продлабочување на реформите.
„Остануваме доследни во нашата заложба за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана и темелена врз јасни правила, стручност и одговорност. Поддршката и експертските ставови од Европската Унија претставуваат значаен чекор кон креирање решенија што ќе обезбедат долгорочна одржливост и зголемена доверба во институциите“ нагласи министерот Минчев.
Македонија
Шведско-македонската стопанска комора отвора канцеларија во Кисела Вода: нови можности за локалниот бизнис
Денес во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со Самуил Наумовски Викиус, извршен директор на Шведско-македонската стопанска комора. Оваа стопанска комора, која официјално започна со функционирање во октомври 2025 год., наскоро ќе ја отвори својата канцеларија во населбата Црниче, токму на територијата на општина Кисела Вода, информираат од таму.
„Зад комората стојат 35 етаблирани шведски компании кои имаат јасна визија и желба да бидат економски мост помеѓу Шведска и Македонија. Токму овој економски мост е клучниот столб околу кој ќе се развива идната соработка со домашната бизнис заедница. Оваа средба претставува прв чекор кон реализација на заедничките цели за поддршка на стопанството и отворање нови пазари за локалните компании.
Ваквите активности се во директна корелација со програмата на градоначалничката Стаменкоска Трајкоска во делот за Локална стратегија за економски силна општина. Преку проекти за унапредување на локалната бизнис клима, Општината активно работи на подобрување на инфраструктурата, модернизација на административните услуги и директна поддршка на малите и средни претпријатија“, стои во соопштението.
Целта, како што е појаснето, е да се унапредат условите за поефикасно водење бизнис, зголемена конкурентност и привлекување на нови инвестиции, кои ќе резултираат со нови работни места и одржлива локална економија.
-Оваа иницијална средба го потврдува нашиот фокус кон економскиот развој и градењето стабилни партнерства. Фактот што Шведско-македонската стопанска комора ја отвора својата канцеларија токму кај нас, во Кисела Вода, потврдува дека како општина создаваме услови кои се препознаени од меѓународната бизнис заедница. Нашата намера е да бидеме активна поддршка на овој економски мост што се гради меѓу шведските компании и македонското стопанство. Преку мерките за модернизација и поддршка на малите и средни претпријатија кои се дел од нашата стратегија, обезбедуваме основа за нови инвестиции и долгорочен економски раст. Кисела Вода продолжува да се позиционира како општина која активно ги поддржува деловните иницијативи и гради стабилна основа за просперитет на сите граѓани-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

