Македонија
Командантот на Националната гарда на Вермонт во посета на АРМ
Од понеделник во тридневна официјална посета на македонските вооружени сили АРМ ќе претстојува висока воена делегација на Националната гарда (НГ) на американската сојузна држава Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј кому домаќин ќе му биде началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.
За време на посетата, генералот Креј ќе оствари средба со министерот за одбрана, Зоран Јолевски, а планирана е и негова посета на Воено-мецинскиот центар, Школата за обука на пилоти и воздухопловната бригада на АРМ. Покрај унапредувањето на понатамошната соработка со Националната гарда на Вермонт, целта на посетата на АРМ од страна на командантот на НГ на Вермонт е размена на искуства од научените лекции во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН, како и учеството на АРМ во новата мисија на НАТО во Авганистан „Одлучна поддршка“.Националната гарда на Вермонт претставува партнер на АРМ со кој се реализираат активности за соработка со Армијата на САД, координирани преку воената контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии. Оваа програма се реализира преку различни форми на обука, како што се:семинари кои се реализираат во Република Македонија, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, изведување на заеднички вежби и друго. Воената контакт програма и соработката со НГ на Вермонт, на АРМ во голема мерка ѝ го олесна достигнувањето на стандардите на НАТО во повеќе области./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И електронските цигари влегуваат во новиот закон за заштита од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.
Од Министерството за здравство велат дека целта е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно 9,0% моментално користат електронски цигари, додека 4,9% од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6% пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушење е усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем што ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
фото/Depositphotos
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

