Македонија
Конференција – Поголема транспарентност во работата на власта
Поголема транспарентност во работата на власта и овозможување суштинска дебата која ќе ги канализира ставовите на различни групи граѓани, се предуслови за одговорно и отчетно владеење. Само на овој начин ќе може целосно да се остварува јавниот интерес, кој во Македонија различни елити на моќ неретко го инструментализираат.
Ова е еден од заклучоците од конференцијата што во среда ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на проектот „Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија“.
На конференцијата посебно внимание се обрна на улогата на медиумите во заштитата на јавниот интерес. Поради нарушениот интегритет на новинарската професија и кризата поради поданичната релација на медиумите зависни од политички и бизнис интереси, тие не ја извршуваат својата основна функција – да бидат коректори на власта и балансирано да ја информираат публиката, посочија новинарите и учесниците на настанот.
Практиката покажува дека и јавната администрација затајува во својата базична функција – да му служи на граѓанинот, а не на политичките или партиски интереси. Дискусијата ја наметна дилемата дали во оваа криза во која се наоѓа Македонија, се потребни доблесни или умешни политичари.
Дел од овие прашања се анализирани во појдовниот извештај „Деконструирање на концептот на јавен интерес во Република Македонија: (зло)употреба во име на граѓаните“, кој денеска исто така беше промовиран на настанот.
Во овој извештај е содржан сеопфатен преглед на тоа што претставува јавен интерес, како овој термин е употребуван во различни правни и етички контексти, трага по клучните чинители кои го штитат јавниот интерес во едно општество и ги идентификува најдобрите практики во областа. Акцент е ставен на јавниот интерес во правото, политиката и медиумите и цивилниот сектор, како и улогата која медиумите ја играат во заштитата на јавниот интерес. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се огради од народот, сега на камерите во Скопје може да види колку е паднат стандардот на граѓаните, велат од СДСМ
„За само 12 часа од поставувањето на камерите од системот во Скопје се покажало дека има над 1.000 возила кои биле нерегистрирани. Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, велат од СДСМ.
„И тоа зборуваме за паднат стандард во Скопје, во главниот град, колку е само полоша состојбата во помалите градови и населени места?
Економијата паѓа а народот едвај преживува.
Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија.
Мицкоски се огради од народот па сега ќе може да гледа на камери.
Додека власта се гоштева со папаја и манго, се вози со бизнис класи, додека врти милионски тендери за испумпување на партите на граѓаните -народот нема пари ниту за регистрација на возилата.
Тоа „економски тигар“ им го донесе на граѓаните и им го постави како „стандард“.
СДСМ ја тргна оградата пред владата одма после рушењето на режимот на Груевски, просторот и вратата во Владата беше отворена за граѓаните, затоа што им припаѓа на граѓаните.
Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда. Работата сè уште не е завршена“, соопшти СДСМ.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.

