Македонија
Mицкоски: Соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ИРИ е на високо ниво

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со советникот за меѓународна политика, Стефан Андоновски, денеска имаше средба со регионалниот директор на ИРИ, Олин Ветингтон, со Овен Паун, директор на ИРИ за Македонија, и со Илина Мангова, програмски директор на ИРИ.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во државата, соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ИРИ, нашата европска перспектива, злоупотребите на власта и претстојните парламентарни избори.
Мицкоски истакна дека соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ИРИ е на високо ниво и дека размената на искуство е од исклучителна важност во предизборниот период.
Тој потенцира дека најголем проблем со кој се соочува нашата држава се криминалот и корупцијата, односно злоупотребите на власта од страна на СДСМ. Токму ова тој го посочи како најголема пречка за остварувуање на стратешката цел – членството во Европската Унија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има план како да го забрза процесот на интерграција на Република Македонија во Унијата преку целосно посветување на внатрешните реформи во државата.
Соговорниците беа согласни дека Македонија се наоѓа пред период кој е клучен за иднината на државата, односно дека иднината на државата зависи од фер и демократскиот изборен процес на 12 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Полицијата со превентивни кампањи во Охрид, во пресрет на главната туристичка сезона

„И јас и ти сме пешаци“, ,, Носи кацига“, „ Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“, се новите превентивно-едукативни кампањи што, СВР Охрид отпочна да ги реализира, во пресрет на главната туристичка сезона.
Целта, според надлежните, е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост нај граѓаните, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Полициски службеници од отсекот за превенција, на повеќе локации во градот, остваруваат кратки средби со граѓани и туристите кои престојуваат во Охрид, ги посетуваат плажите и туристичките комплекси на подрачјето и, низ кратки разговори, ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети што ги имаат, да не ги оставаат необезбедени со што стануваат лесно достапни до сторителите и се предмет на кражби и џепни кражби.
Притоа, прецизно им се укажува на можните форми и начини на вршење на овие казнени дела, како и за неопходните основни мерки за заштита од сторителите на имотните и други деликти. Низ кратките контакти на пофрекфентните сообраќајници, се потсетуваат возачите на моторни и други возила, крајно внимателно да ги управуваат, да ги почитуваат сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, возилата да ги паркираат исклучиво на означени паркинг места и простори а не на коловози, тротоари и вело патеки. Се советуваат пешаците, велосипедистите и моторциклистите како учесници во сообраќајот, да бидат совесни и одговорни, пешаците да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите, велосипедистите да ги користат обележаните велосипедски патеки и воедно, со моторциклистите да користат заштитни кациги и друга неопходна опрема. Секое спротивно однесување како и зборување на мобилен телефон при управувањето со возилата, ќе биде санкционирано согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
На граѓаните и туристите, им се делат едукативни флаери со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура. Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици, соопшти полицијата.
Македонија
Температури и над 40 степени: во наредните денови период на сончево и топло време

Времето денес сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, со температура до 38 степени.
Од УХМР со најава дека во наредните денови ќе следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C.
В недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
(Фото) Герасимовски со водњанци: Реконструирани 20 улици во општината, приоритет се безбедноста и подобра инфраструктура во маалата

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на караванот „Се гледаме во маало“, се сретна со жителите на Водно. Средбата помина во конструктивна атмосфера, каде отворено беа споделени проблемите и предлозите за унапредување на маалото.
Жителите побараа поставување урбана опрема на повеќе локации, а изразија загриженост за безбедноста во сообраќајот, поради несовесните возачи. Побараа „лежечки полицајци“ и сообраќајни знаци за намалување на брзината, како и редовно кастрење на зеленилото што го попречува пешачкиот простор. Ја пофалија и работата на хигиеничарите кои , како што рекоа , се постојано на терен и посветено се грижат за чистотата, известува општина Центар.
Герасимовски посочи дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината. Во делот на Долно Водно е завршена реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“, на потег долг 700 метри, за што се издвоени 13 милиони денари.
Претходно беше реконструирана и улицата „Антон Панов“.
„Инфраструктурата и поврзаноста на Центар ни се приоритет. Реконструиравме 20 улици низ целата општина, затоа што секое маало заслужува уреден јавен простор и безбедни улици“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Караванот продолжува денеска во Пајко Маало (кај Филхармонија), со почеток во 18:30 часот.