Македонија
Македонија забрани увоз на живина од Бугарија поради појава на птичји грип
Агенцијата за храна и ветеринарство забрани увоз и транзит на живина и диви птици, како и производи и нуспроизводи од живина и диви птици, вклучително и јајца, со потекло од Бугариjа, зона под надзор во радиус од 30 км од местото Пода, во регионот Бургас, откако од Европската комисија добиле потврда за појава на случај на птичји грип во регионот на Бургас.
На сила останува забраната за увоз од Германија, зона под надзор во радиус од 30 километри од градот Анклам, во регион Ланд Мекленбург – Западна Померанија, додека поради непријавени нови жаришта, од листата на забранети земји за увоз симнати се Велика Британија и Холандија, ниту Италија. Поради континуирано присуство на оваа болест, земјите од Африка и Азија, подолго време се наоѓаат на листата на забранети земји за увоз. Поради појавата на оваа болест во соседството, Агенцијата за храна и ветеринарство даде насоки на официјалните ветеринари и ветеринарните друштва за следење на состојбата и даде препораки задолжително земање на мостри од угинати птици за лабораториско испитување. До одгледувачите на живина пратени се препораки за тоа какви биосигурносни мерки треба да преземат за да се заштитат од болеста, како и апел за задолжително пријавување на евентуално угината живина на фармите. Во рамки на надзорот од досега анализираните примероци од угинати или заловени диви птици, живина држена во екстензивни и интензивни услови во изминатите години не е утврдено присуството на болеста во Република Македонија.До подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство, на бесплатната телефонска линија на Агенцијата 0800 – 3- 22 -22, како и до ветеринарните станици, граѓаните можат да пријават евентуално угинување на диви птици./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

