Македонија
Македонските војници дел од новата мисија на НАТО во Авганистан
Ние сме горди што Армијата на Македонија во Авганистан, во рамките на новата мисија „Одлучна поддршка“ испраќа одлично обучени војници, кои поставените задачи ќе ги извршат со највисок квалитет, со што даваме несомнен придонес кон светскиот мир и стабилност, истакна министерот за одбрана на Македонија, Зоран Јолевски, на денешното свечено испраќање на дел од македонскиот контингент во рамките на новата мисија на НАТО алијансата во Авганистан.
Министерот Јолевски додаде дека Македонија досега има добиено највисоки оцени за нејзиното учество во меѓународните мировни мисии, а резултат на тоа е и позицијата заменик-командант на командата на градот Кабул, која во новата мисија и доделена на висок офицер од Армијата на Република Македонија. „Тој факт покажува дека сме квалитетна и високо ценета Армија, а сето тоа придонесува и кон понатамошно претставување на аргументите зошто Република Македонија треба да биде дел од НАТО“, додаде министерот Јолевски.
Началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, во своето обраќање на мировниците им го честиташе изборот и им посака успешна мисија и добро здравје. „Не заборавајте дека ние сме тука за вас, за вашите семејства, секогаш кога има потреба“, додаде генералот Котески.
Дека припадниците на Армијата кои заминуваат на оваа задача се целосно подготвени потврди и капетанот Маријан Гугуљанов, кој посочи дека уште еднаш, како и досега, ќе се прикажат вистинските знаења и способности на припадниците на Армијата на Република Македонија.
Македонија во рамките на новата мисија ќе учествува со 38 припадници на Армијата. 20-те припадници на АРМ кои денеска беа свечено испратени ќе бидат дел од обезбедувањето на командата на мисијата, задача која и досега ја извршуваа припадници на Армијата на Република Македонија, во рамките на мисијата ИСАФ. Неодамна беа испратени и 13 штабни офицери, во чии рамки е и заменик-командантот на командата на главниот град, Кабул./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Годинава стартуваме нови проекти со пензионерите, „Носталгија за корзо“, екскурзии, едукативни работилници и Спортски игри 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во просториите на Здружението на пензионери на Општина Центар присуствуваше на одбележувањето на 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачија благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
„Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со здружението на пензионери на Општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо-сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на Дом за стари лица“, истакна Герасимовски.
Дополнително, како што е соопштено од неговиот кабинет, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
„Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата“.
Македонија
Почна реконструкцијата на улицата „Перо Наков“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

