Македонија
Малите коледарчиња го најавија Христовото раѓање

Со коледарски песни од врата на врата уште рано изутрина децата, коледарчиња го најавија раѓањето на Исус Христос.
Децата утрово ги посетија скопските општини, Илинден и Аеродром.
Со христијанската коледарска песна „Вечниот Бог“, малите коледарчиња од Општина Илинден традиционално трета година по ред во Домот на култура „Илинден“ го најавија славењето на Бадник и Божик.
Носејќи ја макетата на Витлеемската пештера која ја симболизира пештерата во која се родил Исус Христос, тие ја носеа веста за Христовото раѓање. На младите коледарчиња
Општината им подари портокали, јаболчиња, бомбони, костени, сокчиња.
Група дечиња во утринските часови ја посетија и општина Аеродром и пееја коледарски песни. Младите бадникари ја испеаја песната „Вечниот бог се раѓа“ и на тој начин го најавија Христовото раѓање и Божик. Општина Аеродром во чест на празнувањето на Бадник и Божик им подели пригодни пакетчиња на младите коледари.
Со Бадник завршува шестнеделниот пост со кој верниците се подготвуваат достојно да го пречекаат најрадосниот ден, денот на раѓањето на Исус Христос./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денеска до вторник топлотен бран во Македонија, се активираат препораките за заштита на населението

Министерството за здравство ја информира јавноста дека во согласност со прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025 – 2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули), се активира фаза 3, што ќе трае до 8 јули, вторник.
На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:
– Ослободување од работни обврски бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија);
– Одложување на работниот процес во критичните часови (11 – 17 часот) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
– Работодавците да обезбедат микроклиматски услови за работа во согласност со акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
– Активирање планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат во согласност со интерните протоколи за кризна состојба.
Мерките имаат цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност.
Македонија
Рекордна потрошувачка на вода во Скопје, неконтролирано се вадат бавчи и се мијат автомобили, велат од „Водовод“

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во согласност со системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, констатира енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови.
Конкретно, на 23 јуни дневната потрошувачка на вода изнесуваше рекордни 356.000 м3, што би значело потрошувачка од 700 литри вода на жител.
Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање зеленило, бавчи и ниви, за миење автомобили, за полнење базени. Воедно, апелираат до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk“, велат од „Водовод“.
Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.
Македонија
Костадиновски на средба со Мартин Памер за предизвиците со кои се соочува Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски оствари средба со Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија.
Костадиновски го информираше амбасадорот Памер за актуелностите и предизвиците со кои се соочува Уставниот суд и го запозна со приоритетите во неговиот мандат.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од унапредување на соработката помеѓу двата уставни судови за што претседателот Костадиновски предаде покана за претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер.
Амбасадорот Памер истакна дека ќе се заложи за воспоставување на билатерална соработка меѓу двата суда, нагласувајќи дека високо ја цени посветеноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија кој има круцијална улога во обезбедување на владеењето на правото и правната држава.