Македонија
Министерство за транспорт: Превозниците да не подлегнуваат на измами за издавање дозволи
Министерството за транспорт и врски ги повикува сите превозници кои вршат превоз на патници и стока во патниот сообраќај да не подлегнуваат на шпекулации и измами дека некој друг, освен Министерството за транспорт и врски, може да им издаде соодветна дозвола.
„За сите видови превоз во Министерството функционира електронски систем за аплицирање и распределба. Овој начин на работење ги потврди нашите заложби за целосна елиминација на можностите за корупција во секторот за транспорт, а истовремено овозможува зајакнување на транспарентноста во давањето на јавните услуги за граѓаните“, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт.Имплементацијата на овој современ електронски систем, кој во огромна мера е надограден и усовршен, како што истакнуваат, овозможува превозниците да се ослободат од административните процедури за прибирање на потребната документација за аплицирање, како и да се избегнат проблемите при доставувањето некомплетна документација, а го елиминира човековиот фактор во распределбата на дозволите.Во 2009 година па наваму Министерството за транспорт и врски, додаваат, ја направи најголемата реформа во патниот сообраќај воопшто со воведувањето на лиценците за вршење превоз на патници и стока. Лиценцирањето на превозниците, според нив, придонесе за ставање ред во вршењето на превозот и за конечно селектирање кои превозници се легални, а кои се диви.Министерството за транспорт и врски, во координација со МВР, континуирано спроведува активности за идентификување на лицата кои вршат нелегален превоз и нивно санкционирање согласно законските прописи, со цел, како што велат, ставање ред во превозот и овозможување стандардизиран и побезбеден транспорт. Исто така, ја поздравуваат акцијата на МВР за откривање и санкционирање на лицата кои се служеле со измама и заработувале продавајќи лажни дозволи за превоз./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

