Македонија
МОН: Студентите очекуваат конкретни дела а не политички игри
Наспроти лицемерие, лажни ветувања и инфилтрација во политички игри, студентите очекуваат конкретни дела, се истакнува во реакцијата на Министерството за образование и наука (МОН) на прес-конференција на претседателот на подмалдокот на опозициската СДМС, Стефан Богоев, чијшто предлог се оценива како обид за политички популизам и собирање дневно политички поени на грбот на студентите.
Од Министерството за образование истакнуваат дека со „реализираните и тековните активности на Владата со видливи и мерливи ефекти се потврдува оти студентите се и ќе продолжат да бидат еден од врвните приоритети во владината програма за работа“. Додаваат дека како министерство спроведуваат поширока стратегија со бројни активности и мерки за поддршка на студентскиот стандард и олеснување на студентскиот живот и делување.
„Во изминатите неколку години студентите плаќаат унифицирана и петкратно пониска партиципација за студирање од износите кои ги плаќаа во периодот до 2006 година. На располагање имаат повеќе од 40 различни видови стипендии, за разлика од минатото кога се доделуваат само неколку видови кои се броеја на прсти. Добиваат бесплатен превоз во јавниот сообраќај и бројни попусти при посети на музеи, театри, културни и спортски манифестации. За најдобрите воведено е и наградно патување на атрактивни туристички дестинации“, се вели во реакцијата на МОН.
Наместо „part time job“ проектите што ги промовира СДСМ, во собраниска процедура е конкретна законска регулатива со која ќе им се даде можност на најдобрите студенти на петте најдобро рангирани универзитети доколку имаат желба, да се вработат во јавниот сектор, а во меѓувреме, во интерес на студентите и обезбедување соодветен работен ангажман, континуирано се поддржува и поврзувањето на високо образовните установи со бизнис заедницата во земјата, посочуваат од министерството.
„Во 2017 година стапуваат во сила и неколку усвоени законски одредби со кои се предвидува намалување на партиципацијата за 50 проценти за студентите од самохрани и еднородителски семејства, се обезбедува парична стимулација за упис на технички факултети, промена на студентски статус, односно, доколку студент запишан на некој од државните универзитети во квотата со кофинансирање, по завршена втора студиска година на прв циклус на студии, по положувањето на сите дотогашни испити, оствари просечна оценка над 8.5, по автоматизам ќе биде префрлен во државна квота, а се воведуваат и стипендии за постдипломски и докторски студии“, се наведува во реакцијата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.

