Македонија
МТЦП и Мировен корпус-Македонија потпишаа Меморандум за соработка
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Мировен корпус-Македонија, Кејтлин Кори потпишаа Меморандум за соработка со кој се предвидува зајакнување на соработката на двете страни.
Мировен Корпус најави зголемување на бројот на волонтери којшто ќе работат во локалните институции и организации во рамки на програмата за развој на заедниците на Мировен Корпус.
“Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал кој континуирано се мобилизира и кој поседува релевантно знаење и вештини корисни за заедницата. Тоа било и визијата на сенаторот кој воедно е и основач на Мировниот корпус Џон Кенеди во далечната 1961 година, кој им предложил на студентите да и служат на земјата, така што ќе живеат и ќе работат во други земји, залагајќи се за мирот и ќе разменуваат искуства”, истакна Спасов.
“Целта на Мировен корпус е да го промовира светскиот мир и да гради нови врски на пријателства меѓу американскиот и македонскиот народ. Нашите волонтери поминуваат две години работејќи со соработници, живеејќи во локални семејства-домаќини, и стануваат дел од локалната заедница. Повеќе од 500 волонтери имаат служено во Македонија, и се очекува зголемување на бројот за 100 волонтери годишно”, изјави Кори
Со меморандумот ќе му се овозможи на Мировниот корпус да обезбеди волонтери што ќе помагаат во Програмата за развој на заедниците во Македонија, да ангажира, да соработува, да координира и да работи со Министерството заради ревизија, развивање и осмислување проекти и активности.
Министерството ќе му помогне на Мировниот корпус да се поврзе со релевантни регионални, и локални канцеларии и луѓе, за да се спроведуваат таквите проекти и активности, но и ќе го поддржи Мировниот корпус со тоа што ќе ги информира локалните заедници за програмата. Или поконкретно кажано се интензивира соработката со Мировниот корпус во делот на ангажирање на волонтери со соодветно образование и искуство во делот на работата со деца со попреченост во дневните центри, организирање на обуки за вработените како и едукативни активности во градинките во Р.Македонија
Склучениот меморандум е продолжение на успешната соработка меѓу САД, Мировен Корпус како владина агенција и Владата на Република Македонија, кои во 1996 имаат склучено меѓудржавен договор. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

