Македонија
МВР видео: Запленети канти со боја, водени пиштоли и катапулти од комбето на „Шарената револуција“
Канти со боја, водени пиштоли, катапулти и други средства кои ги користат демонстрантите за бојадисување објекти во Скопје, биле запленети во понеделникот вечерта при пртересот на комбето на „Шарената револуција, соопштуваат од МВР.
Претресот бил направен поради основи за сомнение за сторено кривично дело „оштетување туѓи предмети“. Возачот на комбето беше уапсен по протестот во полициската станица во Кисела Вода и беше пуштен во два часот по полноќ.„При преглед во возилото биле пронајдени и одземени три канти со дисперзиона боја од пет литри, две канти со кафена боја од три литра, девет канти со боја од литар, 11 спреја во разни бои, две валјака за бојадисување, поголем број водени пиштоли, две импровизирани направи составени од пластични цедилки и гумени ластици (катапулти) како и други предмети кои се предмет на кривично дело по член 243 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија. Со лицето е извршен разговор во Полициската станица од општа надлежност „Кисела Вода“ по што истиот е пуштен на слобода“, соопштуваат од МВР. Од МВР најавуваат дека по целосно расчистување и документирање на настанот против возачот ќе биде доставен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство Скопје./крај/мф/ффс
Се вчитува прикажувачот на видео…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Освен во „Димо Хаџи Димов“, во друго училиште во Карпош не се најдени патогени бактерии
На 27.11.2025 АХВ заедно си службени лица од ИЈЗ направи вонредна контрола во 9 основни училишта во рамките на општина Карпош.
Од секое училиште беа земени мостри од храна како и брисеви од работни површини од кујните во училиштата.
По направените анализи во испитуваните примероци не се докажани патогени бактерии.
Освен во едно од училиштата каде на 2 површини е докажано присуство на ентеробактерии, што е индикатор на недоволна хигиена.
ИЈЗ ќе предложи иницијатива што ќе значи дополнителни промени во Националната годишна програма за јавно здравје, одредени правилници, законски и подзаконски акти, кои се во насока на подобра хигиена во училиштата, градинките, како и побезбедна храна, вода во истите што ќе значи унапредување на теми поврзани со јавното здравје.
Македонија
Муртезани во Брисел на средби во ГД РЕГИО и ГД ЕНЕСТ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти. Разговорите беа фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија.

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцираше значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите.
Македонија
Муцунски во Брисел на средба со Калас и Руте: можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до среда престојува во работна посета на Брисел. Посетата вклучува средби посветени на евроинтегративниот процес на државата, како и учество на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Во рамки на посетата, Муцунски, заедно со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе оствари средба со Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Средбата се одржува во контекст на континуираната посветеност на земјата кон европскиот интегративен процес и заедничката заложба за унапредување на партнерството со Унијата, особено во областите на безбедноста и одбраната.
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Руте, министерот Муцунски во среда ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој ќе се одржи на 3 декември 2025 година во седиштето на Алијансата во Брисел.
Министерскиот состанок ќе биде можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг, со фокус на иднината на Алијансата, јакнењето на индивидуалните и колективните способности, како и обезбедувањето ефективна одбрана и безбедност. Очекувана тема ќе биде и продолжената поддршка за Украина, како и заедничките одговори на актуелните безбедносни предизвици, вклучително и дестабилизирачките активности на малигни актери и стратешки конкуренти кои се закана за постоечката безбедносна архитектура и меѓународниот поредок.
За време на престојот во Брисел, предвидено е министерот Муцунски да оствари и низа билатерални средби.

