Македонија
МВР: За 24 часа издадени потврди на 2.084 мигранти
Во средата од страна на МВР биле издадени потврди за искажана намера за поднесување на азил на вкупно 2.084 странски државјани, од кои, 1.396 се од машки пол, 231 се од женски, 372 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 85 деца кои патуваат без родител.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 1.013, Авганистан – 631, Ирак – 334, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 24-ти септември, издадени се потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на вкупно 94.842 странски државјани, од кои, 63.128 се од машки пол, 12.839 се од женски, 15.832 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 3.043 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-73.497, потоа Авганистан-8.647, Ирак-5.580, Пакистан-2.611 Палестина-1.041, Сомалија-628, Бангладеш-602, Иран-478, Конго-368, Нигерија-221, Камерун-169, Еритреја-163, Етиопија-126, Судан-111, додека останатите се во помал број.
До Одделението за азил во средата било поднесено едно барање за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на еден државјанин на Сирија .
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 24-ти септември, до Одделението за азил се поднесени 50 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 37 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 23-ти септември, евидентирани се пет баратели на азил, сите мажи. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита две малолетни лица без придружба на старател и еден маж се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Власта да ги објави бројките и да го разреши Трипуновски
Откако скандалот кој го најави СДСМ се потврди, денес е време власта да почне да одговара на клучните прашања кои ги засегаат и земјоделците и јавноста, но и време е конечно да видиме оставка од Трипуновски кој три дена се крие од јавноста, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Јавноста и граѓаните треба да знаат дека ИПАРД средствата кои се сега суспендирани се доделуваат како 50% грант за земјоделците, а 50% тие сами обезбедуваат за секој проект. Ова значи дека сите оние кои досега веќе започнале со инвестицијата веќе вложиле свои средства или средства од кредити за половина инвестиција а сега остантите 50% заради корупцијата на власта нема да им бидат исплатени и не се знае кога и дали ќе бидат воопшто исплатени. Прво прашање што мора да го одговори итно власта е: Колку корисници веќе имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкокси тие се оштетени“, рече Кузеска.
Таа кажа дека ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи.
„СДСМ бара итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со програмата IPARD, бројот на корисници и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата и итна оставка од Трипуновски и сите назначени лица кои биле дел од овој процес кои може да бидат компромитирани“, рече Кузеска.
Македонија
Општина Центар додели 48 спортски стипендии
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на отворањето на Лига Центар за учебната 2025/2026 година, додели 48 спортски стипендии на ученици од основните училишта во општината, како признание за врвните резултати постигнати во различни спортски дисциплини.
Стипендиите се доделуваат во три категории, во износ од 2.500, 3.000 и 3.500 денари, и се исплаќаат во текот на осум месеци од учебната година. Добитници се учениците што се истакнале како најдобри стрелци, играчи и голмани во Лига Центар, како и оние кои постигнале исклучителни резултати во пливање, карате, гимнастика, тенис, џудо, скијање, триатлон, мечување и бадминтон.
Герасимовски, честитајќи им на младите спортисти, истакна дека локалната самоуправа континуирано вложува во создавање подобри услови за спорт и физичка активност на младите.
„Во програмата за наредниот период предвидуваме изградба на два нови покриени базени, едниот токму во ова училиште, „11 Октомври“, а вториот во ООУ „Димитар Миладинов“. Учениците од Центар ќе имаат уникатна можност пливањето да стане дел од наставната програма. На тој начин, децата ќе стекнуваат здрави спортски навики уште од рана возраст, што ќе придонесе за развој на физичката активност и правилен раст и развој,“ изјави Герасимовски.
Македонија
СДСМ: Мицкоски лаже – исплатите од ИПАРД не ги стопира тој, туку европскиот механизам за финансиска контрола
Смешни се изјавите на Христијан Мицкоски дека наводно по негово барање биле стопирани исплатите од ИПАРД 3. Исплатите од ИПАРД не може, ниту законски, ниту процедурно, да ги стопира ниту претседател на влада, ниту министер, ниту партија, велат од СДСМ.
„Тоа го прави Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди. Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите. Мицкоски, обидувајќи се да се спаси од политичка одговорност, се поставува како „контролор“ на европски пари, а тоа е апсурд кој ја покажува неговата некомпетентност и паника“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека ИПАРД 3 е суспендиран затоа што Агенцијата за доделување на ИПАРД е компромитирана со корупција, злоупотреби и партиски влијанија.
„Апсењето на директорот и неговите блиски соработници, поставени токму од Мицкоски и министерот Трипуновски, е директна причина за активирање на механизмот на суспензија. НОА постапува за да ги заштити европските средства од понатамошна злоупотреба. Мицкоски не може да го претстави тоа како сопствена одлука, затоа што ова е санкција од европскиот систем на контрола – не успех на Владата, туку доказ за нејзин неуспех“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека ова е втор пат во последните 15 години кога програмата ИПАРД се суспендира, и двата пати кога ВМРО-ДПМНЕ ја води Владата.
СДСМ повикува на одговорност и оставки. „Државата не смее повторно да биде понижена од партиски експерименти и корупциски шеми кои ја уништуваат довербата на ЕУ во институциите“, велат од таму.

