Македонија
МЗ: Нема заразни заболувања во тетовскиот регион по поплавите
Епидемиолошката состојба во тетовскиот регион е стабилна и нема појава на заразни заболувања по поплавите коишто го зафатија овој регион.
„Надлежните установи постојано ја следат состојбата и здравствениот систем е целосно подготвен да одговори на потребите за здравствена заштита. По појавата на поплавите во овој регион, не е регистриран зголемен број на интервенции или повици во здравствените установи, а само во неколку изолирани случаи медицинските екипи реагирале со пружање симптоматска терапија кај лицата“, соопштуваат од Министерството за здравство.Исто така, редовно се врши надзор на водоснабдувањето и се земаат мостри на вода за пиење од ризичните подрачја. Резултатите од испитувањата покажаа дека во градот Тетово, каде што е воспоставена континуирана дезинфекција на градската водоводна мрежа, и во населените места Лешок и Непроштено, водата за пиење е исправна, додека во останатите рурални подрачја зафатени со поплавите, водата е неисправна и забранета за пиење.Извршена е дезинфекција на површина од околу 25.000 м2, континуирано се делат таблети за дезинфекција на водоснабдителните системи, а воедно се врши едукација на населението со препораки за заштита на здравјето.Министерството за здравство препорачуваат користење на пакувана, превриена или дезинфицирана вода за пиење, за миење на забите, миење и подготовка на сирова храна, како и за миење на садовите.„Водата се преврива така што садот со вода се става на шпорет да зоврие (10 минути), потоа се отстранува и се остава да се олади, а притоа во водата не треба да се става мраз. Се препорачува миење на рацете со сапун после чистење, пред подготовка на храната, пред јадење, после доаѓање во допир со детски измет и после одење во тоалет.Не треба да се користи храна која била во допир со вода од поплавите. Не треба да се јаде храна која била во фрижидер или замрзнувач, ако струјата е исклучена. Сварена храна и намирници кои можат да се расипат, задолжително да се чуваат во фрижидер (пожелно е да се чуваат на температури под 5 степени Целзиусови). Секоја храна мора да биде добро термички обработена (приготвена на температура повисока од 70 степени Целзиусови).Зготвена храна да не се остава подолго од два часа на собна температура.Во случај на појава на послаби симптоми на гадење, повраќање, дијареа, односно симптоми слични на грип, висока температура, главоболки, кашлица или вртоглавица, како и при каснување од некое животно, и сл., лицата треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во дежурна служба“, предупредуваат од Министерството.Едукативни флаери со препораките за заштита на здравјето на населението континуирано се дистрибуираат во ризичните подрачја од страна на екипите на Центар за јавно здравје – Тетово./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

