Македонија
МЗ: Ризикот за појава на ебола во Македонија е многу низок
Ризикот за појава на смртоносниот вирус ебола во Македонија е многу низок, но постои потенцијална опасност преку патувања да се пренесе во Европа и во земјите од регионот, соопшти Министерството за здравство во четврток.
Комисијата за заразни заболувања одржа редовна работна средба на која беше разгледана состојбата со вирусното заболување ебола во земјите во Африка и можностите за негово проширување во Европа и во Македонија.
Според податоци од Светската здравствена организација, во моментов, оваа болест е регистрирана во Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија. Вкупно досега во овие три земји заболени се 1.201 лце, од кои 672 завршиле со смртен исход.
На состанокот било заклучено дека ризикот за проширување на овој вирус во Македонија е многу низок, но постои потенцијална опасност преку патувања да се пренесе во Европа и во земјите од регионот, велат од МЗ.
Здравствените власти ја следат состојбата со ова заболување и, велат од Министерството, ги преземаат потребните мерки за навремено и брзо справување при евентуална појава на случај сомнителен на ебола.
Комисијата за заразни болести му препорачува на населението, а особено на лицата кои патуваат во земјите каде што е проширена еболата, избегнување директен контакт со крв или телесни течности на заразени лица или предмети кои може да бидат контаминирани, избегнување близок контакт со диви животни и консумирање месо од диви животни во Африка или Азија, одржување лична хигиена и редовно миење раце, лицата доколку добијат симптоми на болест додека се на патување веднаш да побараат медицинска помош, сите лица што патувале во ризичните земји по враќање во државата доколку имаат некакви симптоми, како што се треска, замор, дијареа веднаш за ова да го информираат својот матичен лекари и да го напоменат патувањето во овие области.
Инаку, еболата е откриена во 1976 година и оттогаш досега имало појава на епидемии, исклучиво во земјите од Африканскиот континент, но оваа година бројот рапидно порасна.
Вирусот не се пренесува по воздушен пат, туку исклучиво преку директен контакт со крв или други телесни течности од заболени луѓе (плунка, урина, фецес) или поретко и преку загадени предмети од секрети од заболени лица. Болеста може да се добие преку директен контакт со крв и други телесни течности од диви животни, како што се мајмуните, шумски антилопи и лилјаци.
Инкубациски период на болеста од два до 21 ден по експозиција на вирусот, болеста може да почне одеднаш со треска, болки во мускулите, слабост, главоболка и болки во грлото. Во следната фаза болеста се карактеризира со повраќање, дијареа, осип и нарушена функција на црниот дроб и бубрезите. Додека трае периодот на инкубација болеста не се пренесува на друг, туку по добивање на првите симптоми на заболувањето.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

