Надворешна политика
Иванов: Европската унија да престане да ја блокира нашата иднина

Европската унија да престане да ја блокира нашата иднина, блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање.
„Не бараме изговори и свесни сме за нашите пропусти. Но, исто така, свесни сме за пропустите и за неисполнетите обврски на НАТО и на Европската унија кон Република Македонија. Нашите партнери во Брисел зборуваат за владеење на правото во Македонија. Апсолутно се согласувам дека треба уште многу да работиме на ова поле. Но, истовремено ги прашувам – ако ни забележувате за состојбата во судството, тогаш зошто не ни дозволувате да ги отвориме 23. и 24. поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста?“, рече претседателот Иванов.
„Неодговорното однесување на НАТО и на Европската унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика. Се изгуби реформскиот моментум, се затегнаа односите меѓу политичките партии и се намали трансформирачката моќ на Унијата. Последиците од блокадата станаа причина за нови блокади на Република Македонија. Секој проблем што го игнорирате доволно долго, ќе се јави како симптом што ќе боли. Тука доаѓаме до втората, внатрешна причина за политичката криза“, рече македонскиот претседател.
„Ја повикувам Европската унија да престане да ја блокира нашата иднина. Блокадата не е ништо друго освен казна за македонските граѓани. Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија. Со блокадите, нам ни се ускратува правото на просперитет. Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет! Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија“, порача претседателот Иванов во своето денешно обраќање./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Отворена закана на Стојанов до Македонците во Пустец: „Ќе ви ги одземеме пасошите ако не се пишете Бугари“

Претседателот на бугарската фондација Македонија Виктор Стојанов упати закана до Македонците од Пустец предупредувајќи ги дека ако не се попишат како Бугари на пописот кој е во тек во Албанија, ќе им бидат одземени бугарските пасоши.
„До сите жители на општина Пустец, Албанија: „Доколку сега на пописот не се пријавите како етнички Бугари, во најкус можен рок ќе ви бидат одземени бугарските државјанства, а доколку сте во постапка – веднаш ќе ви бидат прекинати процедурите. Веќе имаме еден таков случај. Размислете“, им порача Стојанов на Македонците од Пустец.
Претходно, тамошните македонски здруженија посетата на бугарската потпретседателка Јотова ја оценија како засилена бугарска пропаганда врз Македонците во Албанија.
Македонија
Пендаровски ќе се обрати на Генералното Собрание на Обединетите нации

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати на Генералната дебата на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините Цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.
Обраќањето на претседателот Пендаровски е предвидено на сесијата што започнува во 15:00 часот по македонско време.
Предвидено е да се сретне со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која претседателот Пендаровски ќе ја одликува Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Гутереш. Организацијата на Обединетите нации се одликува со Орден на Република Северна Македонија за големата помош и поддршка при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на Градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.
Со денешните активности претседателот Пендаровски го завршува учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации.
Предвидено е претседателот Пендаровски да отпатува во Чикаго, каде што утре ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“. Калхун се одликува за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.
Македонија
(Видео) Пендаровски: Руската агресија врз Украина нанесе силен удар врз меѓународниот мир и безбедност, најитно да се стави крај на војната

Претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк се обрати на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста во Украина“.
Тој порача дека најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина.
„Единствениот начин да се постигне оваа цел е преку дипломатија и преговори, засновани на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да ги надгледуваат примирјето и хуманитарната помош за цивилите“, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека агресијата на Руската Федерација против Украина нанесе силен удар врз меѓународниот мир и безбедност, основните принципи на меѓународното право и меѓународниот поредок.
„Оваа војна го предизвика мултилатерализмот како основа на меѓународниот поредок на невидено ниво. А како што сите знаеме, меѓународната и безбедносната архитектура, чиј најважен одраз се Обединетите нации, е насочена кон мултилатерализмот.
Сегашната ситуација е резултат на игнорирањето на обврските содржани во Повелбата на ОН од 1945 година. Без почитување на суверената еднаквост и територијален интегритет на секоја земја членка, не можеме да зборуваме за ефективен мултилатерализам. Досега видовме неколку обиди за редефинирање на основите на меѓународниот поредок, но ниту еден од нив не доби толку широка поддршка како принципите што цивилизираниот свет ги воспостави по ужасите на Втората светска војна.
Во таа смисла блокадата во која се наоѓа Советот за безбедност како главно тело на ОН, кое има цел зачувување и унапредување на меѓународниот мир и безбедност, беше поттикнат токму од непочитувањето и, би рекол, дури и свесното заобиколување на основните принципи на меѓународниот поредок“, рече Пендаровски.
Според него, јасно е дека оваа блокада ги намалува кредибилитетот и довербата на луѓето дека Обединетите нации може ефективно да ја постигнат клучната цел за која беа формирани пред речиси осум децении.