Надворешна политика
Ахмети: Кризата ја користат групи чија цел не е стабилноста на земјата
Политичката криза во земјата се обидуваат да ја користат различни групи за цели кои не се поврзани со стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и добрососедски односи, туку помалку интеграција во НАТО и во Европската унија, изјави во четвртокот челникот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети кој во партиското седиште се сретна со делегацијата на Советот на Европа (COWEB) одговорна за западен Балкан, а ја сочинуваат претставници на сите земји членки на ЕУ.
Овој работен орган на Европската унија има посебно значење за Македонија и воопшто за регионот, бидејќи работи во градењето на перцепциите на целата ЕУ на општите состојби во земјата и во регионот.
Притоа Ахмети, како што информираат од партијата, ја повторил загриженоста во врска со политичката криза во земјата, истакнувајќи дека ДУИ веќе побара од меѓународната заедница да го олесни политичкиот дијалог со вклучување на сите засегнати страни.
Исто така, лидерот на ДУИ од претставниците на ЕУ побарал и следење на судските процеси од страна на правни и истражни експерти од Унијата со цел да се гарантира кредибилитетот на процесот, како и да се добие доверливоста на сите страни.
„Решението мора да биде резултат на политичкиот дијалог во земјата со посредство на меѓународната заедница“, истакнал Ахмети.
Тој ги уверил европските соговорници дека ДУИ е посветена да работи на конструктивен начин за излез од кризата и ќе придонесе за решавање, а не за продлабочување на кризата.
„Затоа ДУИ бара што е можно побрзо завршување на политичката криза со цел да ја вратиме евроатлантската агенда како приоритет на нашите активности“, велат од партијата.
Гостите на средбата со Ахмети пројавиле интерес за политичката криза во земјата, меѓуетничките односи, спорот за името, инцидентот кај Гошинце, Охридскиот договор како и други прашања, се вели во соопштението од ДУИ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.