Надворешна политика
Бархман: Грција го игнорира она што го бараат европските земји
Грција не е подготвена да разговара и го игнорира она што го бараат европските земји, спорот околу името да заврши и Македонија да го продолжи европскиот пат, оцени во четвртокот германскиот социјалдемократ Хајнц-Јоахим Бархман и вицепретседател на Комисијата за европски прашања.
„Многу би ме радувало доколку посетата на Нимиц на Скопје и Атина донесеше нешто ново. Но, моето искуство од разговорите коишто ги имав во текот на престојот во Атина со претставниците на владата, во март годинава, е дека Грција воопшто не е подготвена да разговара и дека го игнорира она што го бараат европските земји, расправијата околу Македонија да заврши, со што земјата ќе може да го продолжи чекорењето по европскиот пат. Јас не видов никакво раздвижување во Грција“, истакнува Бархман, пренесува Дојче Веле..
Бархман смета дека иако посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц веќе дваесет години се труди да помогне во изнаоѓање на решение, сепак, главно нема напредок по однос на ова прашање.
Вицепретседател на Комисијата за европски прашања смета дека Германија може многу да направи околу расчистување на патот на преговорите. Според него, мора да се седне и да се разговара со Грција, а Меркел тука може да многу да помогне.
„Добро е што имаме ситуација во која сите партии се единствени дека расправијата околу Македонија мора да прекине. Значи сé останува на преговорите. Сакам да кажам дека со притисоци и санкции нема да се случи ништо“, оценува Бархман.
Берхам истакнува дека не верува оти до крајот на годинава, за време на италијанското претседавање со Европскиот совет, Македонија ќе стартува преговори со Европската унија и смета дека во моментов најважно и најразумно е да се оцени до каде стигнале работите и што натаму.
„Ова е мое лично искуство. Како што кажав, бев во Грција и не видов ниту еден чекор нанапред“, вели за Дојче Веле, Хајнц-Јоахим Бархман, пратеник и вицепретседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.