Надворешна политика
Бејли: Работата на СЈО е тест за владеењето на правото во Македонија
Американскиот амбасадор Џес Бејли во четвртокот преку соопштение порача дека во изминатите 15 години САД вложиле огромни средства за развојот на македонскиот судски систем и дека сите „приказни во медиумите за некои теории за заговор и обвинувања за мешање во македонските внатрешни работи“ се апсурдни.
„Веруваме дека повеќето граѓани на Македонија, како и ние, ја препознаваат апсурдноста на приказните во медиумите за некои теории на заговор и обвинувања за американско мешање во македонските внатрешни работи или за акции за дестабилизација на земјата. Ние сме доста отворени за нашите програми и ангажман. Во минатите 15 години, американската влада придонесе со повеќе од 55 милиони долари за развојот на капацитети на македонските судови, судии, обвинители, адвокати и претставници на полицијата за своите мандати да ги извршат професионално, транспарентно, ефикасно и со кредибилитет“, објасни Бејли.
Според американскиот амбасадор, повеќе од 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 адвокати и преку 2 илјади полицајци имаа корист од овие напори на САД.
„Моменталната политичка криза во Македонија покрена обвинувања за злоупотреба на власта и можно криминално однесување, сето тоа комбинирано со обвинувања за мешање и влијание врз судството и обвинителството. Како одговор на ова, лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија се согласија и Собранието едногласно гласаше за формирањето на нова независна институција – Специјалното јавно обвинителство. Дали СЈО ќе успее во спроведувањето на независни, непартиски и професионални истраги, со целосната поддршка од сите институции, е вистински тест за владеењето на правото во оваа земја“, порача Бејли.
„Земајќи ја предвид важната улога во воспоставувањето на правна одговорност, САД го поддржува СЈО со тренинг и помош, исто како што го поддржуваше судскиот систем во Македонија, јавниот обвинител и полицијата, уште од независноста на Македонија. Овој ангажман ја покажува нашата длабока посветеност кон владеењето на правото и помагањето на народот во Македонија да се реши моменталната криза, да развие силни демократски институции и да се придвижи напред кон членството во ЕУ и НАТО. Остануваме доследни на оваа посветеност“, заклучува американскиот амбасадор./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.