Надворешна политика
Бесими: Евроинтеграциите се најдобрата алтернатива за Македонија и регионот
Европската интеграција е најдобрата алтернатива што ја има Македонија и регионот, а затоа е потребен поголем ангажман и конкретни резултати во однос на спорот за името со Грција, чие решение ќе го откочи тој процес, вели вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими во интервју за МИА.
„Прво сметам дека треба да има вклученост и на меѓународната заедница, поголем ангажман во делот на олеснување на процесот и тука би ги наброил како ОН, НАТО, ЕУ и земјите членки на овие институции пред сѐ САД, Германија, Франција, Велика Британија и други што може да помогнат, но главно се овие земји. Вториот аспект што се очекува е да се подигне нивото на преговарачи, односно од делегирани амбасадори да има преговори и на ниво на министри или премиери кои би биле на ниво на одлучување во одредени фази од преговорите со тоа што за финалната опција би следел и процес којшто граѓаните ќе го сфатат како транспарентен, за да се дојде до едно решение што е прифатливо за двете страни“, смета Бесими.
Трета работа што би помогнала, според Бесими, е да има временска динамика и агенда на преговорите по однос на содржината со цел да се направи поконкретен напредок во преговорите, како и да има одредена динамика според некој нормален процес.
„Најсоодветен би бил циклусот на евроинтеграција, затоа што таму на шест месеци се одржува Европски совет, односно на лидерите на земјите членки на ЕУ каде што може да се разгледа прогресот. Значи, во рамките на тој циклус би бил некој нормален тек на динамиката на преговорите и мислам дека тоа би помогнало во овој процес. Но, пред сѐ, важно е да се има волја од двете страни. Тоа е претпоставка за решение затоа што во процесот треба да има и една промена, генерално на менталниот склоп односно на пристапот. Наместо две страни кои се гледаат во процесот со поставени зацртани линии и спротивставени за одреден проблем, процесот да се претвори во партнерски однос за изнаоѓање решение. Значи, партнери во решение, а не спротивставени страни во проблемот како што е сега. Мислам дека ова кажано теоретски, но и според праксата на земјите каде што се постигнале резултати по преговори, се принципите на преговори кои би довеле до решение“, посочува вицепремиерот.
За тоа дали Македонија не ги исполнува критериумите во доволна мера или, пак, е реално чувството дека на земјата и се додаваат некои нови услови, Бесими истакнува дека нови услови се додаваат и за земјите членки на ЕУ, бидејќи постојано се воведуваат нови стандарди во ЕУ.
Според Бесими, овој состав на Европската комисија, покрај брзината на евроинтеграциите, повеќе ќе биде заинтересиран за квалитетот на реформите. Во тој контекст, политичкиот дијалог во сферата на евроинтеграциите е клучен затоа што евроинтеграциите се гледаат како еден инклузивен процес.
„Дијалогот е клучен во однос на евроинтеграциите затоа што евроинтеграциите не се процес на една владина структура, туку тие се процес на целото општество. И затоа треба во овој процес да биде вклучен институционално и гласот на опозицијата, покрај тој на државните институции каде што и политичката и институционалната одговорност е поголема“, нагласува Бесими./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.