Надворешна политика
Чешкиот претседател Земан ќе биде одликуван со Орденот „8 Септември“
Чешкиот претседател Милош Земан во четвртокот и петокот ќе биде гостин на македонскиот колега по должност Ѓорге Иванов, а во рамките на официјалната посета, чешкиот челник ќе биде одликуван со Орденот „8 Септември“.
„Претседателот Земан се одликува за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива рамноправна соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија“, се наведува во обрзложението на кабинетот на Претедателот Иванов.
На првиот ден од посетата, ќе биде остварена тет-а-тет средба на двајцата претседатела во Охрид, како и пленарен состанок на официјалните делегации на двете држави.
Една од главните теми се очекува да биде миграциската криза во Европа.
„Преку македонската граница со Грција во изминатиот период минаа илјадници бегалци. Според тоа, може да се претпостави дека ќе се дискутира за миграциското прашање при заедничките средби во Македонија“, изјави кон крајот на мај портпаролот на чешкиот претседател Јиржи Овчачек, најавувајќи ја посетата на Земан.
На вториот ден од посетата, Иванов и Земан ќе им се обратат на учесниците на Македонско-чешкиот бизнис форум, на кој ќе присуствуваат претставници од стопанските комори на двете земји, како и чешки и македонски бизнисмени од повеќе области како енергетиката, туризмот, банкарството, прехранбената, автомобилската и фармацевтската индустрија.
Во рамки на официјалната посета на претседателот на Чешката Република, двајцата претседатели ќе го посетат и манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.