Надворешна политика
Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија ќе го чека исходот од бугарските избори
Бугарскиот министер за надворешни работи во техничката влада на премиерот Георги Близнашки, Даниел Митов изјавил дека Скопје и Софија, до завршувањето на парламентарните избори во Бугарија кои ќе се одржат на 5 октомври, ќе мора да почекаат со финализацијата на договорот за добрососедство.
„Се разбира, ние остануваме на ставот дека договор за добрососедство со Македонија треба да биде потпишан. Тоа мене, а и Вам ви е јасно дека речиси и нема шанси да се случи во рамките на овие три месеца, но ако продолжиме да разговараме, без оглед дали тоа ќе го побара македонската страна или ќе биде на наша иницијатива, ќе придонесе да ја подготвиме рамката на договорот за идната Влада“, изјавил Митов.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски пак, во понеделникот во интервју за Deutsche Welle исто така порача дека заокружувањето на договорот за добрососедство ќе мора да почека до формирањето на новата бугарска влада.
„Внатрешно – политичката ситуација во моментов во Бугарија е таква што земјата има техничка влада до изборите во октомври. Од бугарска страна ни беше речено: можеме да имаме активности, но ништо не можеме конкретно да премостиме. Така што, заокружувањето на Договорот за добрососедство и целиот тек на дискусии ќе ја чекааат новата бугарска влада. Тоа што е значајно за нас е дека успеавме да ја промениме климата во дискусиите по предложениот Договор за добрососедство и во рамките на различните експертски работни групи кои што се случуваа. Мислам дека доколку продолжиме со таквиот тренд на отворена дискусија, не би требало да биде тешко да се затвори тоа прашање, кое објективно, ако е отворено, не е во прилог на Македонија, бидејќи последното што би сакале да ни се случи е да имаме две земји членки на ЕУ кои не‘ блокираат. Од друга страна мораме да очекуваме од земјите членки на Унијата да се однесуваат европски по ова прашање“, изјавил Попоски, нагласувајќи дека за разлика од 2012 година кога ова прашање беше покренато од Бугарија, сега состојбата е многу подобра./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.